Она што се случуваше во изминатиов период на што бевме сведоци е дека имавме насилна промена на името каде што беа погазени и Уставот и законите, имавме еден тотално нелегитимен процес каде што Заев не сакаше да ја послуша волјата на народот, изјави Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во вестите на Сител Телевизија.
Тој посочи неопходни се предвремени парламентарни избори затоа што време е Заев да се соочи со македонскиот народ кој што постојано го лаже и чии одлуки не ги почитува и да плати за сите зла и црнила кои им ги нанесуваат на сите граѓани на Република Македонија.
– Причините за предвремени избори се сите овие зла и црнила кои што СДСМ и ги донесе за сите граѓани на Република Македонија. Насилното носење на уставните промени, насилната промена на името на Република Македонија на идентитетот, јазикот културата, промените кои што треба да следат во образованието се причина зошто ги бараме овие предвремени парламентарни избори, за да има народот шанса да покаже уште еднаш и да им каже збогум на СДСМ и Заев, истакна Јанушев.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека доколку Заев и СДСМ го одбијат барањето за предвремени парламентарни избори тоа е доволен доказ дека се плашат бидејќи ги знаат рејтинзите и знаат дека нивниот рејтинг вртоглаво паѓа, а дека СДСМ се наоѓа во една очајна ситуација.