Капитални инвестиции нема, а Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Денеска продаде хартии од вредност за сума од 32 и пол милиони евра. Меѓу нив, освен 12 месечните државни записи, беа продадени и долгорочни хартии од вредност како обврзници на 3, 5 и 15 години. Структурата на долгот покажува дека државата најмногу, 37% од парите, позајмува од пензиските друштва, кај банките 36 отсто, а помалку кај осигурителните компании. Токму тоа им пречи на бизнисмените, кои обвинуваат дека банките наместо да го кредитираат стопанството, парите ги пренасочуваат кај Владата, која пак, од друга страна не ги користи за реализација на капитални инвестиции, туку за тековни потреби.
Владата во последниве 3 месеци повторно го зголеми задолжувањето. Јавниот долг само во вториот квартал пораснал за 50 милиони евра и достигна 5,14 милијарди евра или 47.7% од БДП. И државниот долг се зголемил за 30 милиони евра и сега изнесува 39.9%.
За министерството за финансии, ова не е алармантна состојба, бидејќи јавниот долг бил во рамките на среднорочната стратегија што предвидува тој да расте и до 55% од БДП до 2020 година. Најновата фискална стратегија предвидува поголемо задолжување од онаа во декември лани што предвидуваше јавен долг од 53 и пол проценти од БДП.
И покрај катастрофалната реализација на капиталните инвестиции од 16% за 6 месеци и стагнацијата на економијата, Владата се уште е оптимист дека ќе се достигне растот од 3.2% и ќе се реализираат капиталните инвестиции до 90% од планираното до крајот на годинава.