Актуелно 22.07.2018 11:22

Јовановски: На обични наградни игри не смеат да учествуваат вработените и нивните семејства, а не пак на тендери за грантови од илјадници евра државни пари

Јовановски: На обични наградни игри не смеат да учествуваат вработените и нивните семејства, а не пак на тендери за грантови од илјадници евра државни пари

Поранешниот потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски се јави со свој коментар по скандалот кој изби во јавноста со доделувањето на грантови на фирми кои се во сопственост на владини функционери преку државниот Фонд за иновации.

-На обични наградни игри (Рамстор, Веро и милион други), кај што се работи за приватни пари, не смеат да учествуваат вработените и нивните семејства, а не пак на тендери за грантови од илјадници евра државни пари!!, напиша Јовановски на социјалните мрежи.

Од партијата „Глас за Македонија“ на поранешната пратеничка на СДСМ Солза Грчева побараа директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, итно да поднесе оставка на функцијата и против него да се покрене обвинение за “злоупотреба на службената должност“, а парите што ги наменил за фирми на Кочо Анѓушев и Хари Локвенец не смеат да бидат исплатени.

-Ова е класичен пример на корупција во највисоките ешалони на власта, во ситуација кога Македонија води на сите светски скали за корупција. Никакви оправдувања не се уважуваат. Едноставно, додека се на функција и поради функциите не смеат да се богатат од народни пари кои им следуваат на вистински, а не на измислени иноватори. Развојот на овој корупциски скандал будно ќе го следиме, како и секој обид да се проневерат народни пари, соопштија од партијата.

Од таму сметаат дека со ваквите постапки влада само ја оддалечува државата од ЕУ и притоа врши невиден притисок за прифаќање на, според партијата, срамен договор за името.