Актуелно 20.11.2018 15:54

Каде се парите од Агенцијата за примена на јазикот: Сумите скроени за да си поделат големи плати, а работата им е за нула

Каде се парите од Агенцијата за примена на јазикот: Сумите скроени за да си поделат големи плати, а работата им е за нула

Законот за двојазичноста сè уште не е објавен, а Владата за годинава тргна на страна многу пари за него. Каде е огромната сума која требаше да биде исплатена на луѓето кои ќе работат за нешто, што во реалност денес, исто како да не постои?

Во Буџетот за 2018-та година беа обезбедени 1, 46 милиони евра. Во рок од шест месеци од носење на Законот, познато беше и пред гласањето,  треба да се овозможи целосна употреба на јазикот.

Трошоците на нотарите и на извршителите кои исто така се задолжени да го применуваат Законот не се пресметани во Буџетот, така што тие ќе плаќаат од свој џеб.

Но, до крајот на 2018-та година има уште само 41 ден, а до каде е трошењето на парите, Владата нема откриено.

Анализата која КУРИР ја објави уште во месец јануари покажа дека за да се имплементира новиот Закон за употреба на јазиците потребни се нешто над 1.7 милиони евра годишно.

За да функционираат Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторат за употреба на јазиците, само за годинава ќе бидат потребни 260.000 евра. Дополнително многу повеќе пари ќе им требаат на институциите по конечно официјализирање на законот.

Агенцијата е финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Тоа значи дека за нешто повеќе од месец и половина, од џебот на граѓаните ќе биде исплатена уште еднаш толкава сума за, реално кажано, НИШТО.

Владина Агенција за примена на јазикот треба да ја врши имплементацијата на Законот за јазиците. Со колкав дел од овие суми располага и за што ги троши, транспарентно пред граѓаните не е објавено.

Ако тргнеме од очекувањата ова тело да работи чесно, тогаш до сега не треба да има потрошено ниту денар, бидејќи законот за јазиците не е уште објавен.

Во ваква ситуација на големо се зборуваше и за нови вработувања, а секако и за огромна сума на пари која треба да се потроши на оваа намена.

Колку луѓе се вработени, колкави им се платите и што работат ако се ангажирани за закон кој не е стапен на сила?

Во однос на вработувањата во новите институции, во законот стои дека еден дел ќе бидат превземени од други државни институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

Во образложението за спроведување на законот објавен на веб страницата на Министерството за правда, пишува дека фискалните импликации врз буџетот ќе тежат 106 милиони денари. Потребни ќе бидат и дополнителни средства, а во првата година, за да се формира Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и Инспекторат се проценува дека ќе се потрошат 16 милиони денари, кои ќе се обезбедат од буџетот за 2018 година.

Дополнително требаше да се обезбедат уште 90 милиони денари во буџетот за 2018 година кои ќе бидат распределени за различни буџетски корисници за имплементација на одредбите на новиот закон.

Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи, беше најавено дека ќе се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Надзорот треба да го врши посебен Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда во својство на правно лице.