Компании 03.01.2019 21:38

Катар објави дека има удел во најголемата авиокомпанија во Кина

Катар објави дека има удел во најголемата авиокомпанија во Кина

„Qatar Airways“ влегува на пазар кој ниту една сериозна авиокомпанија не може да го игнорира – домашните летови во Кина.

Националниот авиопревозник на Катар објави дека има удел од 5% во „China Southern Airlines“ – најголемата авиокомпанија во Кина, објави „CNN“.

Американските конкуренти „American Airlines“ и „Delta“ веќе имаат удели во „China Southern Airlines“ и „China Eastern Airlines“.

Од „Qatar Airways“ велат дека тие се стекнале со уделот во „China Southern Airlines“ со купување акции на берзите во Хонг Конг и Шангај. Ова е првата голема инвестиција на „Qatar Airways“ на кинескиот пазар.

Акбар Ал Бакер, извршниот директор на „Qatar Airways“, потенцираше дека инвестицијата ветува „огромен потенцијал“.

„„China Southern Airlines“ е една од најпрестижните авиокомпании на кинескиот пазар и важен играч на глобалниот пазар“, рече Ал Бакер во соопштението.

Воздушниот транспорт се развива со брзо темпо во Кина. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт предвидува дека земјата ќе ја надмине САД како најголем воздухопловен пазар до 2023-та година.

Растот во оваа индустрија е главно управуван од средната класа на Кина, која троши милијарди за одмори низ целиот свет и на локално тло.

Од „Boeing“ очекува кинеските превозници да нарачаат 7.690 нови авиони во текот на следните 20 години, со вкупна цена од 1,2 илјади милиајрди долари.

Во последниве години, „Qatar Airways“ инвестираше во голем број меѓународни авиопревозници.

Компанијата е сопственик на 20% од „International Airlines Group“, матичната компанија на „British Airways“ и по 10% од хонгконгшката „Cathay Pacific“ и „LATAM Airlines Group“. „Qatar Airways“ има 49% од „Air Italy“.

Инвестицијата има важно значење, бидејќи „Qatar Airways“ загуби пристап до голем број дестинации на Блискиот Исток, како резултат на дипломатските тензии со нејзините соседи, како Саудиска Арабија и ОАЕ.

„Qatar Airlines“ оперира на 1.000 аеродроми во над 150 земји во светот. Секој ден, компанијата реализира 14.250 летови.