Екологистите имаат малку заеднички нешта со Доналд Трамп, но точка на согласување им е тоа што се борат против гасоводот Северен тек 2 кој е во изградба и преку кој треба да се пренесува руски гас во Европа
И покрај тоа што воопшто не беше изненадување одлуката која неделава ја донесе окружниот суд во Ст. Петерсбург со која се отфрла тужбата на Гринпис против подводниот гасовод со кој се поврзуваат Русија и Германија, тврдењата на еколошката невладина организација имаат силен оддек од Берлин до Вашингтон.
Анегрет Крамп–Каренбауер, наследничката на германската канцеларка Ангела Меркел на чело на Демохристијанската унија (ЦДУ), изјави дека една опција за се пополитизираниот гасовод Северен тек 2 може да биде намалување на количеството на гас кое ќе поминува низ него. Помек Северен тек 2 – кажано со речникот на Брегзит – нема да биде по кеф никому.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, член на Социјалдемократската партија, помладиот партнер во коалиција на Меркел веднаш се изјасни против, нагласувајќи дека гасоводот е комерцијален проект којшто ќе продолжи дури и во случај германските компании да излезат од него. Дополнително, проектот ќе му даде на Берлин подобра позиција во однос на Москва.
Ова се случува во контекст на американските обиди да се поткопопа проектот на гасоводот. Претседателот Доналд Трамп тврди дека со ова се стеснува европскиот простор за маневар во односите со Русија. Трамп се обиде да ја продаде идејата увозот од Русија да се замени со увоз на американски течен природен гас (НЛГ).
Како што се загрева политичката дебата околу проектот, исто така се зголемува и дебатата околу неговото влијание врз животната средина.
Еколошки проблеми
Гринпис и други еколошки групи тврдат дека изградбата на Северен тек го загадува германскиот брег на Балтичкото море, при што е пронајдена токсична маст на плажите и во водата. Луѓето кои живеат во близина на брегот на Грајфсвалд на североистокот на Германија почнаа да пријавуваат кај властите во јуни за појава на розево-виолетови масни меури со големина на тениско топче, дел од нив во областа која е под заштина на еколошката програма Натура 2000 на ЕУ. Германскиот министер за животна средина изјави дека оваа појава може да доаѓа од градежните работи околу гасоводот. Конзорциумот кој го гради гасоводот од тогаш редовно го чисти отпадот. „За несреќаимаше инцидент на излевање на масло во заливот на Грајфсвалд во јуни годинава,” изјави портпаролот на Северен тек 2, Јенс Милер за ДВ, додавајќи дека било истечено околу 140 килограми масло, кое се користи за подмачкување на дупчалките.