На сртот на планината Водно веќе е започната изградбата на гасоводот, против кој се повеќе граѓански организации, но власта не отстапува од планот токму таму да се ископа трасата Делницата 5 на гасоводот до Тетово и Гостивар.
Токму поради овој проблем, активистите од граѓанското здружение „Го сакам Водно“ на јавна дебата ги повикуваат Бајрам Реџепи, директорот на Македонските енергетски ресурси, Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје и Јани Макрадули, заменик министерот за живот средина.
– Транспарентноста ви беше пред сѐ! Тогаш да не одложуваме. Вие кажете кога – ние чекаме. Јавноста нека одлучи, граѓаните нека пресудат. Ве молиме БЕЗ замени. Присутноста е задолжителна во име на ветеното ‘граѓанско општество со кое сите ќе се гордееме’“, се вели во повикот.
Редакцијата на Курир постави прашање до трите поканети страни дали ќе присуствуваат на оваа јавна дебата.
Директорот на Македонски енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, во телефонска изјава за Курир кажа дека во моментов не е во државата, кажа дека нема да ја прифати поканата доколку не биде организирана од некоја институција.
-Сигурно вака нема да прифатиме, мора да биде сериозно организирано од некоја институција. Надвор од државата сум, кога ќе се вратиме ќе зборуваме, кажа Реџепи во телефонска изјава за Курир.
Прашањето дали ќе ја прифати поканата од „Го сакам Водно“ го поставивме и до заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој кажа дека ќе присуствува на јавната дебата, но после први септември, бидејќи оваа недела бил на конференција во Сараево.
Истото прашање беше поставено и до Град Скопје, од каде се уште немаме добиено одговор дали градоначалникот Петре Шилегов ќе биде дел од јавната дебата за гасоводот кој треба да поминува низ Водно. Одговор од кабинетот на Шилегов чекаме од утрово, но од таму само молк.