Живот 21.12.2018 14:29

Кој ќе земе пола милион евра за топол оброк на основците во Аеродром?

Кој ќе земе пола милион евра за топол оброк на основците во Аеродром?

Осум основни школи во општина Аеродром со еден тендер ќе обезбедат појадоци и ручеци за најмногу 2.078 деца месечно. За тендерот што трае една година, а ќе го платат родителите, вкупната вредност е околу 450.000 евра

Безмалку половина милион евра ќе платат родителите за топли оброци на нивните деца во 8 основни училишта во скопската општина Аеродром, покажуваат детали од договорот што едно основно училиште во име на другите седум го склучи со група од три фирми понудувачи. Добитници на овој тендер се „Кетеринг Сити Скопје“ со поддршка на “Стара Ванила“ и „Дени кетеринг сервис“. Договорот предвидува снабдување со по два оброци дневно за најмногу 2.078 деца на месечно ниво.

Во договорот, кој важи од 15 декември годинава и ќе важи една година пишува дека месечната цена на оброкот т.е. претплатата за секое дете корисник е 1.470 денари од кои 70 денари се 5 отсто ДДВ. Станува збор за основните училишта: „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“, „Димитар Македонски“, „Ѓоргија Пулевски“, „Александар Македонски“ и „Гоце Делчев“. Оброците на децата ќе ги плаќаат родителите, а тие се испорачуваат во сите работни денови до средината на декември идната година со исклучок на зимскиот и на летниот распуст. Вкупната вредност на оваа набавка не може да надмине 447.023 евра. Менито составено од различни варијанти на појадок и ручен содржи од 1.050 до 1.400 калории за двата оброци. А набавката е вршена врз основа на Правилникот за стандардите за исхрана и за оброците во основното училиште.

Во линкот даден во прилог можат да се видат и повеќе детали за менијата за јадењата и за тоа што можат да добијат децата за 1.470 денари месечно https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/fb50e39a-1fc6-4932-83ba-7639fd3be562