Нашиот ум и мислата се единствените ограничувања за нашите можности и способности, рекол еднаш американскиот филозоф и говорник Орисон Марден.
Тоа важи за секое човечко битие на нашата планета, но малкумина ја разбираат и суштински ја сфаќаат оваа безвременска мисла.
Јасмина и Јагода се сестри близначки од Скопје кои од својата десетта година живеат со мускулна дистрофија. Поради болеста, тие се движат во ортопедски колички. Но, нивното хоби, и заедничка пасија е – патување низ светот.
Тоа е и нивната животна мисија. Најчесто, нивните патувања се поврзани со хуманитарните активности на здружението за лица со попреченост „Мобилноста предизвик“, како и помошта и размената на искуства и знаења со слични такви здруженија низ целиот свет.
Тие почнале да го „обиколуваат“ светот некаде во 20-те години од својот живот и досега имаат прошетано на четири континенти. Освен повеќе европски земји, тие биле и во Северна Америка, Азија и Африка.
– Иако уште како многу мала мечтаев да патувам низ светот, вистинските патувања во мојот живот започнаа малку подоцна. Прв пат летав со авион во 2008 година, на релација од Скопје до Јуџин, Орегон (САД), каде што се одржуваше женскиот Институт за попреченост и лидерство. Летањето, патувањата оттогаш станаа моја страст и заедно со Јасмина, мојата сестра близначка, патувавме на многу места. Некогаш поради проектни активности со здружението „Мобилноста предизвик“, а понекогаш и само туристички… Последниве години повеќе сме насочени кон европските држави.
Вака Јагода Ристеска ја почнува својата приказна, истакнувајќи дека „секое место има своја убавина, своја приказна“…
– Секое патување е обоено со некое свое, препознатливо доживување. Убавината во патувањата за мене е да го доживеам не само местото како архитектура, туку и средби со луѓето, културата таму, приказните кои се раѓаат и остануваат врежани во сеќавањата, додава таа.
Заради своите хуманитарни активности, во 2012 Јагода и Јасмина престојувале два месеца во Кејптаун, главниот град на Јужноафриканската Република и во местото Масипхумелеле. Јасмина волонтирала во дневен центар за деца со попреченост, а Јагода во прифатилиште за бездомни кучиња.