Економија 04.07.2018 14:29

Колку Хрватска добила од членството во ЕУ

Колку Хрватска добила од членството во ЕУ

Додека во Хрватска се слави петгодишнината од влегувањето во Европската унија, во исто време се прават и анализи колку земјата добила од членството во клубот.

Анализите, кои ги објавува Експрес, покажуваат дека Хрватска ни приближно доволно не искористила од тоа што ЕУ го нуди со фондовите. Најдобро се снашле властите во Задар и во Сењ, но „тоа е само капка во морето“, се наведува во анализата.

Констатацијата е дека на земјата и недостасуваат професионалци кои можат на паметен начин да ги извлечат милионите евра. Интересно, но главниот град Загреб е меѓу најлошите по искористеност на фондовите.

Од структурните и инвестициски фондови на ЕУ (ЕСИФ) Хрватска има на располагање 10,7 милијарди за период од 2014-2020 година. Најголем дел од тој буџет се средства за регионален развој – 4,4 милијарди евра. Хрватска заклучно со 2017 година искористила само 9 отсто од средствата од европските фондови, што значи дека до 2020 година земјата ќе треба да спрегне сили да искористи што е можно повеќе исредства, инаку тие пропаѓаат. Изразено во пари, ЕУ на Хрватска досега и има исплатено 1,3 милијарди евра што е само 13 отсто, а просекот во ЕУ е 19 отсто.

Инаку, во Унијата Франција е единствената земја која уплаќа повеќе средства во европските фондови отколку што од нив извлекува. Годишно таа земја уплаќа 20 милијарди евра, а извлекува 11,3 милијарди. Само Германија уплаќа повеќе – 23 милијарди евра.

Како пример се издвојува Романија која уплаќа 1,3 милијарди, а извлекува 7,3 милијарди. Не стои лошо ниту Бугарија, која уплаќа скромни 380 милиони евра, но извлекува фантастични 2,3 милијарди.