Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека во соработка со Централната банка на Холандија ја организира единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, која оваа година е со наслов: „Време е за дигитализација“. Конференцијата ќе се одржи во Охрид, а ќе трае до 8 јуни.
На конференцијата, која традиционално има меѓународен карактер, предавачи се високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки што му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Воедно, оваа година потврдено е учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, што недвосмислено го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки.
Конференцијата ќе опфати теми кои, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот „Финтек“, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија. За време на конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот „Финтек“ и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.
Одржувањето на оваа конференција носи големи придобивки за платежната индустрија во домашната економија. Следењето на светските новини во оваа област треба да придонесе кон повисок степен на развој на платежните услуги, кон зголемување на нивната ефикасност и намалување на трошокот за нивно извршување.