Актуелно 09.03.2019 18:13

Костовски: Називот Национална опера и балет е недефиниран и не прецизира која држава претставува

Костовски: Називот Национална опера и балет е недефиниран и не прецизира која држава претставува

Македонската опера и балет, најстара институција за опера и балет во државата, со одлука на Зоран Заев го менува името и станува Национална опера и балет. Заев ја брише придавката македонска од институцијата која со години претставува симбол на македонската култура. Оперскиот ансамбал е создаден уште во 1947, додека балетскиот бил конституиран во 1949 година. Од основањето до денес оваа институција приредила безброј оперски и балетски поставки. МОБ е симбол на културата во постасномска слободна Република Македонија, гордост на 7 генерации, изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ кој додаде:

„Првата  македонска балетска претстава „Македонска повест“ на Глигор Смокварски e изведена во 1953 година,  а една година подоцна во 1954 година изведена е и првата македонска опера  „Гоце“ на Кирил Македонски. СДСМ не води грижа за културното наследство и колективната меморија на народот. СДСМ распродава се. Дури и она за кое тврдеа дека го зачувале. Зоран Заев тврдеше дека институционалниот идентитет е зачуван. Сега откако договорот за промена на името почна да се спроведува гледаме дека Заев лажел. Институционалниот идентитет не е зачуван, напротив тој е изгубен.“

Костовски потенцира дека називот Национална опера и балет е недефиниран и не прецизира која држава претставува, а кога претставници на МОБ ќе одат на претстави во странство името на институцијата ќе внесува забуна и никој нема да знае од која држава чија култура претставуваат.

-Зоран Заев и СДСМ свесно го понижуваат македонскиот народ, како и неговата историја и култура. Оваа власт нема кредибилитет повеќе да ја управува Република Македонија. СДСМ мора да си замине. Масовното излегување на претседателските избори и победата на Гордана Силјановска Давкова ќе биде причина за распишување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе го испратат Зоран Заев и СДСМ на темната страна на историјата, дополни Костовски.