Актуелно 16.10.2018 19:36

КУРИР анкета во Клинички центар: Хаосот со автомобилите тапка во место, проблемот со ѓубрето во кое се дават пациентите непроменет

КУРИР анкета во Клинички центар: Хаосот со автомобилите тапка во место, проблемот со ѓубрето во кое се дават пациентите непроменет

Екипата на КУРИР денеска беше во обиколка на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, за хаосот со автомобили кој владее таму и нечистотијата зборуваа самите граѓани.

Дивите депонии кои ги има на секој чекор се дом на неколку кучиња и мачки скитници кои се директна опасност за самите вработени, пациенти и деца.

Нашата екипа забележа и преполни контејнери веднаш до детската клиника кои претставуваат директна опасност за децата кои лежат таму, додека од паркираните автомобили слободно по тротоарите не можат да се движат пациентите со инвалидски колички.

Од Министерството за здравство велат дека за чистењето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не е во нивна надлежност, туку во надлежност на Службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар. Од таму додаваат и дека проблемот со чистењето на ѓубрето е надминат, иако сликата на терен е поразлична.

Во однос на проблемот со сообраќајот, велат дека активно работат на изнаоѓање оптимално решение со изградба на монтажна катна гаража, која ќе обезбеди доволен паркинг простор за вработените и посетителите на Клиничкиот центар, а воедно улиците и тротоарите ќе се ослободат од паркираните возила.

-Автомобили има премногу, јас овде сум веќе два дена и се слушаат сирени како свират, а брзата помош не може да стигне овде до клиниката. Премногу има возила и треба посебен паркинг да се направи само за клиникава, инаку вака не бива, вели еден од анкетираните граѓани кој во моментов е пациент на една од клиниките.

На нашето прашање дали наутро може нормално да се влезе и излезе во болницата добивме едноставен одговор „катастрофа“.

-Едноставно без многу коментари, катастрофа, катастрофа, ни да излезеш ни да влезеш, брзата помош може да помине после осум часот, но за да стигне од влезот на клиниката, до овде до хематологија ќе му треба 15 минути. Плацот е многу мал, а гледате и уличките сите се полни.

Еден од анкетираните кој живее во Италија вели и дека овој проблем го има само кај нас.

-Што да ти кажам, не знам за овде јас живеам во Италија, прв пат сум тука, во Италија вакви работи нема, во Италија се е друго.

Пациент од Дебар кој повеќе од осум часа чека „Мој термин“ за преглед вели дека целото здравство е во многу лоша состојба.

-Хигиена нема кај нас граѓаните нема хигиена, јас сум бил и во Бугарија и Словенија, вакво нешто не можеш да видиш апсолутно. Илјада чистачи да има не, вели тој.

Проблемот со ѓубрето и хаосот со автомобилите на Клиничкиот центар трае со години, но чашата се прелеа ова лето кога пациентите секојдневно се давеа во тони ѓубре, додека Министерот за здравство Венко Филипче не мрдна со прст.

Инаку доказ дека Министерството не може да се справи со овој хаос се средношколците од Холандија кои пред неколку месеци со метли во рацете доброволно го чистеа Клиничкиот центар, наместо тоа да го прави надлежна институција платена директно од граѓаните.