Актуелно 10.05.2018 12:36

Македонија во 2018 година задолжена за нови 310 милиони евра, капитални инвестиции нема, молк од Министерство за финансии

Македонија во 2018 година задолжена за нови 310 милиони евра, капитални инвестиции нема, молк од Министерство за финансии

Долгот на Република Македонија оваа година го надмина прагот од 5 милијарди, во новата година со задолжувањето од пред два дена, Македонија е задолжена за нови 309 милиони евра, а капиталните инвестиции во првите два месеци биле само 17 милиони евра.

Во јавноста гласно се поставува прашањето за што се трошат парите од задолжувањата, кога капиталните инвестиции на очајно ниво.

За 8 мај 2018 година, пред два дена Министерството за финансии на својата официјална страна имаше објавено аукција на државни хартии од вредност за утре во износ од скоро 9 милиони вра или поточно 8,9 милиони.

Закажана беше аукција на 12 месечни државни записи без девизна клаузула во износ 550.000.000 денари.

Прашањето кое се поставува во јавноста, на што се трошат парите од задолжувањата, редакцијата на Курир пред една недела го постави до Министерството за финансии, од каде одговор се уште немаме добиено.
-На што се потрошени 300 милиони евра за кои е зголемен долгот на Република Македонија во првиот квартал од годинава, кога нивото на капитални инвестиции е ниско (17 милиони евра во првите два месеци од оваа година) и кога претходната година беа запрени сите капитални инвестиции?, гласи прашањето кое Курир го постави до Министерството за финансии, на кое една недела не добивме одговор.

Задолжувањата не престануваат иако оваа влада на чело со Зоран Заев пред изборите беше гласен критичар на задолжувањата. Според податоците државата е задолжена над 1,65 милијарди евра од почетокот на владеењето на оваа владејачка гарнитура и како што е очигледно тој долг постојано се зголемува.
Спротивно на тоа експертите се големи критичари на ваквите задолжувања посебно заради фактот што до сега се нема отпочнато ниту еден поголем капитален проект додека старите проекти кои беа почнати од претходната влада едвај се завршуваат а поголемиот дел се во стагнација. Ваквата состојба каде се позајмуваат големи количини на пари а притоа не се вложуваат во капитални проекти ги прави ваквите задолжувања скандалозни и неоправдани . Понатаму експертите коментираат дека со позајмените пари не се градат проекти кои се долгорочно исплатливи и ја оправдуваат постапката на задолжување и секако се од стратешка важност за земјата.

Додатно земјата забрзано го зголемува својот јавен и државен долг. Јавниот долг за првпат во историјата го надмина прагот од 5 милијарди евра, додека државниот надмина над 4 милијарди евра. Притоа ниту една поголема капитална инвестиција не е реализирана, како би се оправдале парите од задолжувањето.

За економските политики на власта денеска реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од таму велат дека економското цунами олицетворено од СДСМ и црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев ја опустоши македонската економија и ги осиромаши македонските граѓани. Од опозициската партија велат додека цените на основните продукти за живот растат, просечната плата е во слободен пад, малопродажните цели во април пораснале за три проценти споредбено со лани, додека трошоците за живот се зголемени за 1.4 проценти, а платите во однос на јануари се пониски за 867 денари.

-Зоран Заев и неговите соучесници во економскиот геноцид треба да ги симнат своите розови очила и да се соочат со реалноста прикажана во овие бројки која секојдневно ја живеат македонските граѓани. За сето ова време додека стандардот на граѓаните драстично опаѓаше, црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев само во првите три месеци од годината секое едно македонско семејство го задолжија за нови 600-тини евра, односно вкупно ја задолжија државата за нови 300 милиони евра. Секој граѓанин на Република Македонија има долг од 2.500 евра, а просечното четиричлено семејство има долг од неверојатни 10 илјади евра од вкупниот долг на државата. Картелот на власт ја носи Македонија се поблиску до должничко ропство, јавниот долг ја помина границата од 5 милијарди евра, државниот границата од 4 милијарди евра, а се уште нема ни трага ни глас од ветениот семафор на Триумфалната Порта кој требаше да го отчитува долгот на државата и да покаже транспарентност. Ова е резултатот на расипничкото и криминално работење на владата на Заев и СДСМ. Ова е резултатот на неспособноста на Тевдовски, и бизнис интересите на кланот Заеви и Кочо Анѓушев. Наместо да работат за интересите на државата и граѓаните, картелот работи исклучиво за своите лични интереси. Македонскиот граѓанин како и целата економија се во постојан грч, родителите се плашат за иднината на своите деца кои ќе треба да ја плаќаат цената за неспособноста на оваа криминална власт, се наведува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.