Финансии 13.01.2025 11:41

МФ: Буџетот за 2024 година реализиран согласно планираното, 2025 започнува ликвидно и стабилно

МФ: Буџетот за 2024 година реализиран согласно планираното, 2025 започнува ликвидно и стабилно

Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96%, што е согласно со планираното во Буџетот. При тоа растот на приходите и расходите во однос на претходната година е околу 10%, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4% од БДП.

Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година се реализирани во износ од 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. При тоа приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето е 99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, данокот на додадена вредност 103,8%, кај данокот на добивка има оставрување од 95,6% и увозните давачки се со остварување од 95,3%.

Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со Ребалансот. Податоците упатуваат на ефикасна наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Така даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година.

Вкупните расходи во 2024 година се реализирани во износ од 348,5 милијарди денари или 96,1% од годишниот план и се за 9,4% повисоки од буџетските расходи реализирани во 2023 година. Капиталните расходи во 2024 се реализирани во износ од 28,7 милијарди денари или 76,8 % од планираното. За реализација на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот за 2024 година наменет за тој проект во целост беше остварен. Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проекти за подобрување на општинските услуги преку МСИП со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка)и. Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени.

Особено е важен фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ и дека тоа е дел од планот за фискална консолидација.

Буџетскиот дефицит со ребалансот на Буџетот беше проектиран на ниво од 4,9%, а во 2024 година е реализиран буџетски дефицит на ниво од 4,4% од БДП или во апсолутен износ понизок за 2,5 милијарди денари. Исто така и јавниот долг ќе биде понизок од проектираното и најверојатно ќе биде на ниво од 62,2%. Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии.

Поврзани вести

Министерството за финансии денеска од централниот Буџет до Рзвојната банка ја префрли првата транша од 10,4 милиони евра средства наменети за поддршка на домашните компании. Трансферот беше реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки. Имено, во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност. „Очекуваме компаниите да ги препознаат поволните услови кои ги обезбедивме со оваа кредитна линија и планираните средства да се искористат во целост. Тоа ќе биде силен поттик на домашната економија и поддршка особено имајќи ги предвид понеповолните услови во глобални рамки“, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот ФБ профил. Таа додава дека Министерството за финансии и Владата остануваат посветени партнери на бизнис секторот.