Актуелно 10.03.2019 14:42

Мицкоски: Да го следиме патот на почитувањето, проштевањето и љубовта и заеднички да работиме за просперитетна и успешна иднина за сите

Мицкоски: Да го следиме патот на почитувањето, проштевањето и љубовта и заеднички да работиме за просперитетна и успешна иднина за сите

Проштевањето е основна христијанска карактеристика и затоа на овој ден кога секој од нас чувствува милоста Божја треба да си подадеме рака и да си ги простиме грешките еден со друг. Заемното почитување и помагање треба да бидат наша водилка за заеднички да ги пребродиме темните времиња и да се спротивставиме на сите предизвици и премрежија.

Ова стои во честитката која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од негово лично име и од името на партијата, ја упати до Поглаварот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници, по повод големиот христијански празник Велики поклади- Прочка.

-Денес е денот кога треба да се побара, но и да се даде прошка. Нема човек кој не погрешил и само со прошка и признавање на своите слабости ќе можеме во мир и благосостојба да ги пречекаме пораките на овој празничен ден. Нашиот народ секогаш проштевал, споделувајќи ги заедничките христијански вредности затоа што секогаш знаел дека само меѓусебното помирување и верба ќе ни донесе хармонија и напредок на нам лично но и на нашата татковина Македонија, стои во честитката од Мицкоски и се додава:

„Да не дозволиме поделбите да се наше секојдневие, денес во време кога за жал нашето општество е девастирано,кога имаме мачно секојдневие и премногу омраза, кога неправдата станува основа на прогон и кога е загрозена сигурноста. Спокојот и мирот нека завладеат во сечиј наш дом, да ги почитуваме нашите ближни, соседи и пријатели. Да го следиме патот на почитувањето, проштевањето и љубовта и заеднички да работиме за просперитетна и успешна иднина за нас и нашите идни генерации“.