Актуелно 23.10.2018 21:26

Мицкоски до пратениците кои гласаа ЗА: Ме изневеривте, ја свиткавте кичмата (ВИДЕО)

Мицкоски до пратениците кои гласаа ЗА: Ме изневеривте, ја свиткавте кичмата (ВИДЕО)

-Сакам денес овде со вас, пред вас и пред целата македонска јавност, директно да се обратам до оние кои паднаа, кои не останаа на висината на задачата, кои дезертираа, кои не издржаа. Знаете ли што покрај предавството кое го направивте кон татковината која ве одгледала силно не заболе таа вечер?! Знаете ли што ги параше нашите срца?! Што пиштеше во нашите души?! Не заболе и тоа пеколно – Тоа што ве видовме со посвиткана кичма! Не подвиткана како онаа на Заев, бидејќи тој воопшто нема кичма, но од Црниот Петок наваму и вашите кичми се подвиткани! Не издржаа вашите плеќи! Не издржаа иако до пред некој ден не убедувавте, се фалевте и ширевте митови дека на вашите плеќи се крепи Македонија! Не издржавте, иако знаевте дека за огромен дел од вас СЈО ви монтира и пакува случаи во удбашки стил! Попуштивте, иако знаевте дека сите патриоти од 27-ми април се тотално невини, рече Мицкоски и додаде:

„Колку и вие да се замислувате и самоубедувате дека не поткленавте, дека вие сте оние со визија, а ние не ја разбираме политиката, ќе остане фактот дека со вашата крената рака само си ја свиткавте кичмата. Од удирањето во гради Ве заболеа плеќите! Кога гледав како еден по еден кревавте рака за предлогот на Заев, со секое кревање рака нас срцето ни се кинеше. Пеколна болка е тоа. Направивте неприроден, недостоинствен, неавтентичен потег со тоа дигање на раката и така ја урнавте вашата кичма. Затоа и веќе колку и да се трудите нема да можете да чекорите простум! Дека нема да можете да погледнете на народот во очи! Ги скршивте нивните срца, ги повредивте нашите срца! Ги повредивте нивните души! Ме изневеривте! Ја изневеривте ВМРО-ДПМНЕ! А, најважно од се ја изневеривте вашата татковина Република Македонија! Ја изневеривте Македонија која ви ги даде сите животни удобства! Го изневеривте секој член кој макотрпно работел за вие да стекнете слава и успех. Го повредивте Македонецот“.

Зарем не ви е непријатно, запраша Мицкоски, да Ве бранат оние кои до вчера ве напаѓаа?

-Зарем е чесно да имате исти говори, исти зборови, напади како оние на СДСМ, на Бихачка ли Ви ги пишуваат говорите? Зарем не ви е срам дури и да прославувате во вечерта кога Македонија и Македонецот плачеше, крвареше? Како чекорите кога Ве чуваат оние кои до вчера Ве апсеа неосновано и нечовечки ве малтретираа? Цел живот ќе ме мачи ова прашање – зошто не издржавте? А, малку фалеше. Само малку фалеше да издржите! Да одговоревте на задачата, да не ја свиткате кичмата, Заев беше готов! Вие само за малку му ја продолживте политичката кариера на Заев на сметка на Македонија. Влеговте во неговиот ол ин план, со кој срамно тргува со илјадници македонски души. А, да издржевте ќе одевме на избори! И ќе го победевме злото! Ќе го победевме Зоран Заев и групата околу него. Па нели сфативте дека беше готов. Дека бегаше од избори како ѓавол од крст. Едно сакам да ви кажам тој е слаб и слаб ќе остане, а вашата инјекција, допингот кратко ќе му трае, подвлече и додаде:

„Ќе одевме на избори на кои ВМРО-ДПМНЕ, заедно со народот убедливо ќе победеше. Ќе ја ослободевме државата од коалицијата на Заев и Шекеринска, и Вице и Анѓушев. Ќе ви гарантиравме независно судство, и така ќе можевте да ја добиете правдината, правдата. Кој се огрешил со финансиски криминал и за кој ќе има докази, во една независна и ослободена од политички притисок постапка, ќе одговараше. Кој ќе приложеше докази дека е невин ќе ја добиеше правдата, како што во еден случај во независно судство гонетите од 27 ќе добиеја слобода и правдина“.