Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со членовите и симпатизерите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар.
Мицкоски од граѓаните побара масовно да се излезе на 21 април и да се даде целосна поддршка на кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, односно како што рече тој е силно убеден дека токму Силјановска Давкова има големи шанси да биде следниот претседател на Република Македонија.
Тој потенцираше дека заедно сплотени сите граѓани ќе го победат Зоран Заев и Стево Пендаровски и нивното сценарио кое што го припремат на Бихаќка, додавајќи дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е сосема поразлична Македонија која што ќе биде достоинствена и горда, а не ваква како што ја прави СДСМ и Зоран Заев понижена и омаловажена држава.
-Македонија која што ќе биде дело на правото и правдината, Македонија која што ќе биде принципиелна, а не лажлива како што е сега. Македонија која што ќе биде економски технолошки тигар, а не вака осиромашена и опустошена како што е сега. Македонија која што ќе биде горда и достоинствена а не вака понижена и омаловажена, вели Мицкоски.
Претседателот Мицкоски додаде дека во моментот економската состојба во Република Македонија е катастрофална, бидејќи СДСМ единствено што знае да работи е да ги осиромашува граѓаните и државата, а на сметка на тоа да се богатат претставниците на криминалната власт.
-Денес се објави БДП за 4-тиот квартал и практично многу лесно може да се извади БДП за цела 2018 година. Последна е. Пoследни сме во регионот и по растот и по бројките и по параметрите. Од тие 5 проценти од првиот месец откако станаа власт заклучно со 2018 година вкупниот раст на македонската економија е едвај скромни 2 проценти. Луѓето кои што се занимаваат со економијата, велат никакви реформи, никакви интервенции, ќе имате раст најмалку 3 проценти ако економијата по инерции се движи. Е овие успеа и тие 3 проценти да ги намалат на 2 проценти. Два и пол пати помалку од ветените 5 проценти и затоа вчера предложив да се воведе дело во кривичниот и прекршочниот законик изборна измама, изјави тој.
На крај, Мицкоски побара да се отворат сите криминали од СДСМ, нагласувајќи дека граѓаните треба да ја знаат вистината и дека во Република Македонија не смее да има селективна правда.
- -Ми велат ајде да збориме за СЈО, ајде да збориме ама ајде да збориме и за транзицијата, да збориме и за ТАТ, да збориме за уништените стопански капацитети приватизирани и опљачкани. Ајде да збориме како го продадоа Електростопанство и како се пренесуваа куферчиња преку граница. Ајде да збориме и за Телеком, ајде да збориме и за ОКТА. Ајде и за тоа да збориме. Ајде да збориме и за Глобал и евро принципот, ајде за се да отвориме и да збориме што ги маи нашите граѓани, зошто да имаме селективна правда, рече Мицкоски9