Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Отвореното студио на телевизија Алфа посочи дека повратот на ДДВ кој го ветува Зоран Заев ќе биде уште една лага на власта. Имено тој истакна дека има многу подобро решение кое ќе го предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи намалување на ДДВ-то од 18 на 16 проценти за дел од производите и од 5 на 4 на останатите. На овој начин граѓаните ќе ја заштедат сумата од 500-тини евра на годишно ниво која ја ветуваше Заев.
-Тоа е уште една лага. Зошто, еве јас ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да предложи закон во рамките на Собранието за намалување на ДДВ-то од 18 на 16 проценти на некои производи и од 5 на 4 проценти. Тоа од прилика е подеднакво колку што тој ветуваше дека ќе им врати на граѓаните. Зошто ние најпрвин да им ги земеме парите, па да вадат картички , па да чуваат фискални сметки, па редици, па УЈП имало систем немало систем. Сето тоа да го заборавиме не ни треба. Само да ги намалиме даночните стапки од 18 на 15 и од 5 на 4 проценти . Еве само ова треба да го направиме и сето ова да видиме дали било со чесна намера. Не ни треба ова другото ништо, вели Мицкоски.