Актуелно 19.01.2019 13:32

Мицкоски: Не сме против примена на јазиците на етничките заедници, но треба да се почитуваат Уставот и законите

Мицкоски: Не сме против примена на јазиците на етничките заедници, но треба да се почитуваат Уставот и законите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Охрид каде присуствуваше на осветувањето на водите на Охридското Езеро во негово лично има и во име на партијата на Синодот на пресветото монаштво на МПЦ, на сите православни верници им го честита големиот христијански празник Богојавление – Водици, посакувајќи им успеси, насмевки за нив и нивните семејства.

Истовремено тој изрази очекување дека оваа година сите порази и понижувања, омаложувања што се случуваа во минатото да исчезнат, порачувајќи им на граѓаните да бидат пообединети, посплотени и да се почитуваат меѓусебно како луѓе.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја искористи можноста пред медиумите да повтори дека во целокупната процедура на усвојувањето на Законот за јазиците има многу недостатоци, многу дивјаштво, насилство што како што рече, не доликува на демократска земја што се стреми да биде дел од европското семејство.

-Ние како политичка партија вчера поднесовме кривични пријави против луѓето кои се соочуесници во ова злодело и насилство врз Уставот и законите, и парламентарните процедури. За жал се случи професорот Јове Кекеноски поднесе претставка пред Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за јазиците. Доколку се суди согласно правото во оваа држава, овој закон треба да биде отфрлен, рече Мицкоски.

Тој и во оваа прилика повтори дека партијата не е против примена на јазиците на етничките заедници во Република Македонија, но тоа мора да биде направено согласно законот и Уставот и во процедура во која ќе бидат испочитувани и Уставот и законите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште истакна дека тргување со гласовите на втората најголема етничка заедница во земјата пред претседателските избори, посочувајќи ги тука СДСМ и ДУИ, е неприфатливо и во име на тоа ги повика и уставните судии, обвинителството и судството да постапат согласно законите.

-Доколку постапуваат согласно законите, судиите знаат како треба да донесат одлука. Да се воздржат од било какви притисоци на политичките елити и да донесат одлука согласно правото, Уставот и законите, рече Мицкоски.