Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека очекува убедлива победа на професорката Гордана Силјановска Давкова во претседателската трка. Во Отвореното студио на Алфа, лидерот на опозицијата посочи дека очекува граѓаните да го поразат „Заевизмот“ со победата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, поради како што вели, компаративните предности на Силјановска пред Пендаровски кои според него се неспоредливи.
-45 дена не делат до денот на изјаснувањето, до референдумското практично изразување на граѓаните на Република Македонија, дали го поддржуваат Заевизмот во оваа форма во која што сега е присутен во македонското општество и дали ќе одлучат да му дадат легитимитет да продолжи во таа форма. Или пак навистина ќе се бориме за право и правна држава, за честита Македонија, Македонија која што ќе понуди реален успех, а не лажни ветувања и надеж. 21 април е тој ден и јас навистина очекувам како што кажав и во првиот дел од емисијата една голема победа на професорката Силјановска, затоа што компаративните предности се навистина неспоредливи, вели Мицкоски.