Исто како и мнозинството граѓани, така и јас, со чувство на мака, го проследив пресот на Зоран Заев. Само Зоран Заев, политичар аболиран за тежок криминал, кој влече сериозни хипотеки зад себе, може да прославува и да се гордее што го променил името и идентитетот на сосптвената земја, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Само Зоран Заев кој се колнеше во татковци и дедовци дека немал да го чепка вековното име, може да се гордее и да се обраќа како премиер на нова земја, Северна Македонија. Само Зоран Заев кој ветуваше дека македонскиот Устав бил европски, може да се фали со притисоците, заканите и непринципиелните пазарења со кои ја погази јасно изразената волја на граѓаните на референдумите од 8 септември 1991 и 30 септември 2018 година. Зоран Заев денес и предвреме ја преименува сопствената татковина, на се уште нестапен во сила договор. Срамота, посочи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, му порача на Заев дека Македонија денес не слави, туку е завиена во црно.
-Македонија е завиена во црно бидејќи вие продадовте, погазивте и уништивте се. Ова што вие го направивте има само еден збор, предавство и кариеризам. Залудни се фалбите и изнасилените насмевки, зарипнатио глас од славјето во кое ниту тој, ниту неговите најблиски соработници не веруваат. Залудна е лажната еуфорија и стакленото ѕвоно кое го креираат. Чаламот на власт не го покрива срамот со промена на името и идентитетот. Човекот треба да сфати дека никој не го сака, никој не му верува, но и се поголем е бројот на луѓе кои веќе не му се плашат. Зоран Заев готов си, сите тоа го знаат, а набрзо и ти ќе го дознаеш. Оваа влада беше за едно прашање и тоа прашање го решивте катастрофално, преку промена на името, идентитетот, јазикот, историјата, култирата, образованието, промена на се што е македонско. Овој рок и оваа задача завршува, вели Мицкоски.
Тој рече дека токму затоа, оваа влада на СДСМ, која ја предводи Заев, толку силно ќе падне што прашање е дали нешто ќе остане од СДСМ.
-Останува запишано дека промената на Уставот со цел промена на уставото име се направи на противуставен, протизаконски, нелегитимен, насилен и криминален начин. По пат на притисоци, закани, уцени и пазарења. ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството на македонскиот народ и мнозинството на граѓаните не го поддржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во нејзина моќ да ја исправи во иднина оваа неправда. Останува запишано дека 81 човек го парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава, посочи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека длабоко чекориме во втората година од власта на оваа влада.
-Македонија е фрлена на колена, не само во поглед на името, туку и во економијата, уништеното здравство, неквалитетно образование, земјоделието. По капитулацијата на Заев со името, тој најавува нова капитулација, општетствена, економска, политичка, образовна, здравствена. Видовме досега дека не ги бива и како што Заев лажеше пред две години дека ќе имало 500 евра просечна плата, дека докторите ќе имале 100.000 просечна плата, дека ќе изградел 600 километри автопатишта, нова клиничка болница, поврат на ДДВ, ќе имало зголемени стипендии за студентите, зголемени пензии за пензионерите, загарантиран откуп за земјоделците и што ли уште не, истите тие лаги ги гледаме и слушаме денес. Но, ова е друго време, денес веќе никој, ама баш никој, не му верува на Заев. Денес е докажано дека не можат, не умеат и дека со секој ден ќе биде се полошо. По капитулацијата со името, ако остане оваа Влада следува нова капитулација, во економијата и во општетството. Затоа Заев, и вие од осрамениот СДСМ, не бегајте од одговорноста, немојте да се криете зад партиските одлуки, како што се криевте зад гласовите на 81 пратеник за да ја погазите волјата на народот. Излезете на избори, не се тоа избори за фотелји, тоа се избори каде ќе победи народот, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, за да победи достоинствена Република Македонија, нагласи Мицкоски.