Актуелно 20.01.2019 13:20

Мицкоски: По промена на името, се менува и карактерот на државата

Мицкоски: По промена на името, се менува и карактерот на државата

Порталот Press24 објави интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По смена на името, се менува и карактерот на државата, порачува Мицкоски.

Press24: Законот за двојазичност е објавен, очекувате ли тој да биде оспорен од Уставниот суд, односно поништен?

Мицкоски: Сега Уставниот суд е на тест, останува да видиме дали ќе го одбрани својот интегритет и ќе го заштити уставот или ќе потпадне на политичките притисоци. Едниствено што треба да го земат во предив при одлуувањето е словото на уставот поради што овој суд и постои и праксата од минатото која недвосмислено покажува дека законите не се валдини без потписот на Претседателот. Нападнат е Уставот и Уставниот суд мора да го одбрани.

За жал самата постапка на објавување на неуставниот закон за двојазичност преставува продолжување на насилието на власта. По смената на името во Собранието,  која се одвиваше по еден насилен пат, по пат на уцени и закани, каде спротивно на волјата на народот се донесе промена на уставот со која се менува името и идентитетот, гледаме како Македонија со чело на ова власт продолжува да губи. И тоа губи драматично. Имаме еден кукавички чин на Заев, каде додека скија во еден од германските туристички центри, практично даде наредба, даде зелено светло да се објави неуставен закон, со кој Македонија повторно губи.

И објавувањето на овој закон не е дека тој наводно ќе ја подобрел состојбата на Албанците, туку тој чисто поради пр, поради борба за албански гласови прогласи двојазична Македонија. Наместо да објават некоја странска инвестиција тие објавија двојазичност.

Press24: Дали ви пречи да се зборува албански?

Мицкоски: Не, јас немам против ниту еден јазик, но мене ми пречи да се крши Уставот и законите и да се менува карактерот на државата.

Заев освен името и идентитетот, сега го менува и карактерот на државата, добиваме некакви обележја на хибридна федеративна творба во која политичарите на власт ја имаат киднапирано власта од народот.

Македонците ги губат своите обележја, додека се ставаат во подредена состојба и другите малцинства во државата.

И не само тоа, зачудува жестокоста со која се гази правото. Заев го заглави директорот на службен весник, човекот направи кривично дело  кое не застарува минумум 5 години.

Еден криминал води кон друг криминал. Имаме криминалци на власт. Погледнете, имаме претседател на собрание кој по насилен пат беше избран, имаме име кое го променија незаконски, спротивно на волјата на граѓаните, сега имаме и двојазична Македонија. Зоран Заев е националната катастрофа во оваа држава со кој само губи земјата, изборите се единствениот начин тоа да се спречи.

Press24: Се промени Уставот, договорот со Грција се донесе, Заев го направи потребното мнозинство. Вие велете дека ќе направите се за да се промени неправдата. Што ќе направите, можно ли е исправање на неправдата или се работи за политички популизам?

Мицкоски: Многу работи во минатото за кои реков дека ќе се случат се случија.  Сега ви велам дека доколку ја добиеме поддршката од гласачите ние ќе промениме многу. И ќе направам се за да се промени таа неправда. Ќе видите имаме план. Македонските граѓани треба да сфатат дека вистинската сила се токму тие и многу внимателно да ги гледаат работите и да анализираат. Ни се случува атентат врз државата. Како поинаку да се толкува ова што денес ни се случува. Македонија со Заев го смени уставот, името, идентитетот, сега се менува карактерот на државата, да не говорам за економската катастрофа и катастрофата во другите сфери. Ова е национален срам приреден од Заев. Да не се заборави како се изврши промената на името. Незаконски, нелегитимно, на сила. Заев е спремен се да направи само да си ја сочува фотељата. Бидејќи тој со економија само со криминал умее, во политика умее само со распродавање и распарчување на државата. И така овој човек гледа спас за себе и своите најблиски. Но греши, го потценува народот кој гледа се, и прати се. Ќе го стигне казната, и онаа од народот, а богами и од правната држава.