Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес е во Кавадарци, каде како што рече, овие денови се случува и тиквешкиот гроздобер кој што е еден убав настан кој воедно е заштитен знак на градот.
-Но истовремено има огромна загриженост кај граѓаните и она што се случува во нашата држава. Од власта преку бруталните и прескапи медиумски кампањи платени со државни пари постојано велат дека народот имал шанса, а шансата во реалноста е смена на името, идентитетот, пасошите личните карти. Шансата е за смена на име и иднина исполнета со секојдневни афери, криминали, неспособност, сиромаштија, уништено здравство и образование, затоа што шансата која ви ја нудат вам, е единствено шанса за оние кои што се на власт, да продолжат да крадат и уништуват, стои во објавата на Мицкоски на Фејсбук.
Претседателот на партијата додава дека ова што го зборува е веќе видено, и веќе докажано, имаат година ипол власт за која не започнаа ниту еден нов километар автопат, не изградија или започнаа да градат ниту едно ново училиште или болница.
-Лозари кои имаат проблем со откупот и ја делат судбината на илјадници други земјоделци кои се соочуваат со истите проблеми, истата мака, а тоа е што нивниот труд не се плаќа. Година ипол преполна со разочарување. Велат од власта дека потребен бил чекор нанапред, но ние на маса имаме договор кој е капитулација и сме на работ од провалија, и тој чекор напред значи пад во провалија. Со овие луѓе нема ниту шанса, ниту иднина, затоа што таа шанса ја прокоцкаа, и таа иднина нема да дојде. На Македонија и се потребни суштински промени и реално подобрување на животот, за тоа е потребно работа, труд и енергија и само така Македонија ќе победи, затоа што секој живот вреди, и затоа што секој човек заслужува вистинска шанса, стои во објавата на Мицкоски.