Состојбата со загадениот воздух е алармантна, се губат животи, владата да прогласи вондредна состојба, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во неговото видео обраќање.
-Во ситуација кога како држава се соочуваме со сериозни проблеми и порази, сменето име, идентитет, нелегално прогласена двојазичност, сиромаштија, имаме пресметка на власта со пазарџиите, но и пензии кои се кратат во однос на законски предвиденото, целата држава се соочува со уште еден значаен проблем, каде цената е здравјето на граѓаните, а тоа е проблемот со загадениот воздух. Проблемот е пресериозен и многу покомплексен од секојдневните дефокусирачки теми кои ги наметнува власта. А бледите чекори кои се превземаат се само маска да се покрие неспособноста. Последиците од несправувањето на власта со проблемот, се преполни болници, деца и повозрасни кои страдаат од респиратнорни заболувања, изгубено здравје. Загадениот воздух подразбира бавна смрт во кој се губат животи. Владата мора да дејствува. Се работи за здравјето на 2 милиони граѓани, потенцира Мицкоски и додава:
„Не сакам да се разбере ова мое обраќање како политизација на проблемот, туку напротив како вклучен аларм и краен апел институциите на власта да престанат со декларативните мерки, да започнат суштински да се справуваат со проблемот, веднаш и без одложување. Секој поминат ден без решавање на проблемот подразбира нарушено здравје и загубени животи. Нема оправдувања. Речиси две години се на власт, а ситуацијата не е подобрена. Ветуваа чист воздух, а добивме држава која е на првото, повторувам првото место по најзагаден воздух во светот. Ова подразбира дека сите мерки на институциите се неадекватни и несуштински, и преставуваат вистинско фијаско. Овој проблем не може да се реши со празни политички флоскули туку со целокупна мобилизација на стручниот и научен потенцијал на државата, како и барање помош од странски експерти и користење на нивното искуство со справување на ваков тип проблем. Одговорите и решенијата треба да ги даваат експерти, но и да се има политичка волја истите да се спроведат“.
Според Мицкоски, потребно е прогласување на вонредна состојба, за, како што вели, да се заштити здравјето на граѓаните.
-Владата да престане со празната демагогија и таа има обврска да го заштити здравјето на граѓаните преку спроведување на примарни и секундарни мерки предложени од научната јавност. Немојте да ја користите состојбата за политичка промоција бидејќи државата се соочува со катастрофа. За жал државата е заложник на лажните ветувања за чист воздух и неспособноста да се реши проблемот. Не ни требаат лаги какви кажуваше оваа влада дека ќе дошол животот и одеднаш воздухот ќе се прочистел. Тоа не само што не е така, туку е и доказ дека за политички поени си играат со здравјето на граѓаните. Потребно е дејствување бидејќи ситуацијата е пресериозна.