Економија 03.09.2018 15:19

Мицкоски: Учебниците каснат, образованието крахира, имаме демографска катастрофа, децата и младите се нашата најголема вредност и тие заслужуваат подобро

Мицкоски: Учебниците каснат, образованието крахира, имаме демографска катастрофа, децата и младите се нашата најголема вредност и тие заслужуваат подобро

Денес за многумина од вас е посебен ден, бидејќи вашите деца го имаат првиот училишен ден. Тоа значи посебна радост и среќа за секој родител, но и надеж дека низ турбулентниот пат наречен живот секое дете ќе има успех, но и шанса обезбедена од државата, потпирајќи се на своите способности, да направи нешто повеќе и да ги оствари своите соништа, истакнува Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Но, каква е реалноста. Македонија денес се соочува со демографска катастрофа, во вториот квартал во 2018-та година, имаме пад за 6.3 проценти на бројот на новородени деца, тоа за 6 години ќе значи и дополнително намалување на бројот на ученици, паралелки кои ќе се затворат, населени места кои забрзано замираат. За година и половина нема ниту една единствена мерка на Владата која ќе биде во насока на зголемување на наталитетот, додека најважниот фактор, економијата пропаѓа со најнизок раст во Европа кој се движи околу нула. Бројот на новородени се намалува додека бројот на млади кои си заминуваат од државата секојдневно се зголемува. За 2 проценти е намален и бројот на запишани студенти. На Македонија и се одзема иднината, а Владата не превзема ништо. Поради тоа имаме кратење на паралелките, дури се соочуваме и со затворање на цели училишта. Додека состојбата во образованието и училиштата е очајна. Имаме училишта кои прокиснуваат, влагата е честа појава, додека бесплатните учебници доцнат. Но затоа, затоа пак додека образованието за родителите е мака, за власта тоа е шанса за профит. Скандалите не престануваат. Милионскиот бизнис од 5.3 милиони евра за набавка на учебници се побрза да се додели на две фирми, во 4 очи, без тендер, а фирмите се знае… тие според неформалните информации важат за блиски до власта, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оценува дека високото образование девастира.

-Нема ниту еден универзитет на Шангајската листа за квалитет додека земјите во регионот имаат по неколку. Наставниот кадар во училиштата е демотивиран. Покачувањето на платите за наставниците што го направија од владата е понижувачко и е далеку од првично ветените 500-тини евра просечна плата. Освен тоа што се прениски, тие и доцнат. Тие мора да се зголемат до 50 проценти од она што се сега за да имаме наставен кадар кој е мотивиран, мора да се обезбедат 500-тини загарантирани вработувања за најдобрите дипломирани студенти за да тие останат во државата, мора да се препороди образованието за да одиме напред и ние, ние тоа ќе го направиме. Може да ја имаме и најсилната економија која за жал ни одблиску ја немаме, може да ги имаме и најсилните инвестиции кои за жал ги немаме, ако немаме млади немаме иднина. Како човек кој доаѓа од високото образование и целата своја наобразба ја посветил на науката ќе посочам дека инвестирањето во образованието значи инвестирање во иднината на нашата земја, а младите, младите и децата се нашата најголема вредност и затоа ќе го имаат моето најголемо внимание. Зошто само така Македонија ќе победи, порача Мицковски.