Актуелно,Економија 11.12.2018 19:00

Мицкоски за Алфа: Имаме пиши-бриши економија, граѓаните не може да очекуваат ништо добро од СДСМ и во 2019

Мицкоски за Алфа: Имаме пиши-бриши економија, граѓаните не може да очекуваат ништо добро од СДСМ и во 2019

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во денешното гостување во вестите во Алфа истакна дека со владата на СДСМ и Заев македонската економија доживува фијаско, а тоа го потврдил и од средбите со претставниците на Стопанските комори во Македонија, кои како што рече тој исто така се жалат на лошата економска година.

-Секаде е истото мнение дека полошо економска година после 2018 не паметат. Но, јас не очекувам ниту дека 2019 ќе биде подобра од 2018, бидејќи практично се освен оној раст кој што ни е  на хартија, ние во суштина, реално гледаме само уназадување и многу полоша економска ситуација од онаа што се прикажува на хартија. Но гледаме дека хартијата трпи се и сега имаме нова економија која што ја промовира Владата на СДСМ, тоа е пиши бриши економија, изјави тој.

Мицкоски, потенцираше дека и покрај најавите од вадата на СДСМ  дека во 2018 година ќе се случи економски бум, тоа не се случило, туку напротив  е се полошо.

Според него, граѓаните не може да очекуваат ништо добро од владата на СДСМ и Заев, бидејќи до сега  не само што не може да го постигнат растот на БДП кој што тие сами го проектирале, туку и не отвориле ниту едно ново работно место а ниту пак донеле некоја странска инвестиција.

-Ја гледаме реалната ситуација на европските пазари, гледаме дека практично растот на БДП во ЕУ и високо развиените земји во третиот квартал забавува, а бројот на ново отворени работни места исто така забавува, а имајќи предвиде дека македонската економија е извозно зависна од тој пазар, можеме да заклучиме дека побарувачката ќе биде намалена или ќе стагнира. Така што не очекувам дека и во идната 2019 година ние ќе имаме економски бум, вели Мицкоски.