Актуелно 17.02.2025 12:03

Милошоски: Наивно е да се прават нови уставни за да ни се случи уште едно неисполнето ветување

Милошоски: Наивно е да се прават нови уставни за да ни се случи уште едно неисполнето ветување

Во Македонија постои оправдана разочараност од односот на ЕУ во поглед на нејзиното интегрирање, оценува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министeр за надворешни работи, Антонио Милошоски.

На прашањето какви гаранции би можел да бара премиерот Мицкоски од Софија, Брисел и од Вашингтон во однос на евроинтегртацијата, Милошоски нагласи дека не е само како ќе се започне процесот на преговори туку многу се битни крајот и целта на тој процес.

„Превземената обврска на претходната влада, доколку има можност да се менаџира, би било рационално истата да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел а тоа се европските интеграции. Во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на ЕУ. Веќе еднаш имавме уставни измени за името, и лошите искуства се доволно силни аргументи, Македонија со право да побара одредена извесност за патот кон ЕУ, бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас. Нема сериозна визија за Западниот Балкан и времетраењето на зачленувањето и проширувањето на овие земји“.

Според него би било наивно, како што рече, да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување.

„Македонија неколкупати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека тие ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања. Сметам дека одложеното дејство е рационален аргумент кој би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира а ЕУ да го менаџира тој процес до конечната цел“.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека ЕУ во последните десет години нема сериозна визија за проширувањето. Тоа, како што истакнува, стана фраза која често се повторува а на дело нема сериозни геополитички одлуки што би значеле проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Потсетувајќи на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос во однос на зајакнувањето на процесот на проширување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, Милошоски додаде: „Ако ја гледате нејзината изјава внимателно, таа спомна дека би можеле една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но не спомна дека тие би можеле да станат полноправни земји членки на ЕУ , што е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки“.