Германскиот парламент го одобри пакетот мерки за олеснување на грчкиот долг, кој треба да и помогне на земјата да се ослободи од зависноста од спасувачките заеми со приближувањето на крајот на програмата за поддршка.
Германските пратеници гласаа за пакет одобрен од европските кредитори и ММФ во минатата недела, со 410 гласа „за“, 226 гласови „против“ и седум лица се воздржаа од гласање.
Министерот за финансии, Олаф Шолц, рече во парламентот дека „со ова испраќаме сигнал за европска солидарност“. Тој дополни дека по крајот на спасувачката програма во август, Грција ќе биде во состојба да стои на „свои нозе“ и дека земјата се наоѓа на „на правилен пат“.
И покрај излезот од програмата за спасување, се очекува Грција да остане под зголемен надзор од страна на своите кредитори.
Во исто време од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) соопштија дека грчката економија постигна значително подобрување, но сепак останува да се соочува со многу предизвици.
ММФ вели дека Грција „генерално ги укина макроекономските нерамнотежи“, но растот се уште е спречен од „значителното наследство на кризата и незавршени програма за реформи“.
Според ММФ, бруто домашниот производ (БДП) на Грција ќе забележи раст од 2% во оваа година и 2,4% во 2019-та година.
Според Фондот европските очекувања за идниот раст на земјата се „многу амбициозни“ и заедно со целта за голем примарен фискален вишок ќе ја попречат Атина во одржувањето на пазарниот пристап долгорочно, додава „Ројтерс“.
„Вознемирени сме дека тоа подобрување на индикаторите на долг… може да се одржува на долг период само кај овие навидум оптимистички – можеби амбициозни е точен збор на претпоставки за растот на БДП-то и за можноста на Грција да одржува висок примарен скок за подолг временски период“, рече Питер Долман, шеф на грчката мисија на ММФ.
„Ројтерс“ потсетува дека Грција договорила примарен суфицит од 3,5% од БДП-то годишно до 2022-ра година и 2,2% од БДП-то потоа.
Фондот наведува дека се уште има неизвесност дали најтешкиот долг на Грција е одржлив, покрај неодамнешниот договор со европските кредитори да ги олеснат условите.