1 милион, 41 илјадa и 583 патници (1.041.583) патуваа преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ во првите шест месеци од 2018 година, што претставува годишен пораст од 21 отсто во споредба со првата половина од 2017 година.
Во истиот период, јануари-јуни 2018 година, бројот на летови на двата македонски аеродрома достигна 9.033, со годишен пораст од 16 отсто.
Растот на патничкиот сообраќај со 21 отсто, што „ТАВ Македонија“ го забележа од јануари до јуни годинава, го надминува и просечниот раст на аеродромите во земјите што не се членки на ЕУ, кој изнесува 12,5 отсто во првиот квартал од 2018 година.
Најфреквентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот аеродром „Скопје“ се: Истанбул (двата аеродрома „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“; 11 отсто пазарен удел), Цирих (8,5 отсто), Базел (5,8 отсто), Виена (5,1 отсто), Малме (4,6 отсто) и Братислава (3,5 отсто).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Визер“ превезува најголем број патници со 63,3 отсто пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,1 отсто), „Аустријан ерлајнс“ (5,1 отсто), „Германија флуг“ (4,6 отсто), „Еделвајс“ (3,8 отсто), „Кроација ерлајнс“ (3,1 отсто), „Пегасус ерлајнс“ (3 отсто).
Од „ТАВ Македонија“ очекуваат дека порастот на воздушниот сообраќај ќе продолжи со слично темпо и до крајот на годинава имајќи ги предвид 5-те нови дестинации што беа отворени на аеродромите во Скопје и во Охрид на почетокот од летната сезона во 2018 година.
На 1 јуни „ЛОТ Полиш ерлајнс“ влезе на македонскиот пазар отворајќи ги летовите меѓу Скопје и Варшава, нова дестинација која се опслужува шестпати неделно.
На аеродромот во Охрид беа отворени 4 нови сезонски дестинации – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава. „ТАВ Македонија“ најавува нова редовна авиолинија од Охрид до Виена, која ќе биде воведена во ноември 2018 година.
Меѓународниот аеродром „Скопје“ моментно е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ има 3 редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и 8 сезонски дестинации опслужувани од 11 авиокомпании.