Економија 26.12.2018 19:05

Најбараните професии во скандинавските земји и нивните плати

Најбараните професии во скандинавските земји и нивните плати

На наставничките во Шведска по сите трошоци во месецот им останува повеќе од половина плата. Шведска има специјализирана организација која истражува кои професии се потребни на нивниот пазар на труд, а се занимаваат и со насочување на образованието според потребите на пазарот – предвидуваат кои професии ќе бидат барани во иднина, каде недостигаат професионалци, а каде ги има премногу.

Наставниците во основните училишта во Шведска во просек месечно се платени околу 3163 евра, додека просечната плата на фармацевтите изнесува 4 036 евра. Во Шведска се исплаќа бруто-плата, а плата повисока од 4 889 евра, се оданочува до 30 отсто, зависно од местото на живеење.

Здравството во Шведска е бесплатно, а мнозинството граѓани се осигурани преку работодавецот или училиштето.

Во Финска, пак, недостасуваат логопеди и градежници. Министерството за труд двапати годишно објавува листа на најбарани професии на тамошниот пазар на труд.

Барани се и градежни инженери, негователи, социјални работници и градежни работници.

Што се однесува на платата, податоци има за трите професии кои на листата се постојано за најбарани, а се проценува дека во иднина уште ќе недостигаат. Тоа се: логопеди, менаџери на градилиште и градежни инженери.

Просечната плата на логопед со искуство од 5 до 10 години изнесува 4 500 евра, менаџер на градилиште со еднакво работно искуство можат месечно да заработат 4 300 евра, а искусен инженер во градежништвото во просек може да земе 3 500 евра.