Актуелно 25.07.2018 20:07

Најмалку 185 загинати при серија напади во Сирија

Најмалку 185 загинати при серија напади во Сирија

Најмалку 185 лица загинаа, а околу 200 се ранети денеска при серија самоубиствени бомбашки напади во реонот на јужниот сириски град Свеида, кој е под контрола на владините сили, соопшти вечерва Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Според Центарот, имало најмалку четири бомбашки напади, по кои дошло и до судири меѓу сириските владини сили и напаѓачите.

Одговорност за нападите презеде џихадистичката група Исламска држава (ИД).

– Војници на Калифатот извршија напад врз безбедносни и владини позиции во градот Свеида, се наведува во соопштението на ИД, во кое се додава дека џихадистите убиле над 100 „отпадници“.

Според првиот човек на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, Рами Абдел-Рахман при нападите и судирите загинале 89 цивили, 94 припадници на сириската Армија или провладините милитантни групи, како и 45 борци на ИД.

– Ова е најголем биланс на жртви во провинцијата Свеида, изјави Абдел-Рахман.

Според непотврдени информации, за време на судирите припадници на ИД успеале да киднапираат најмалку тројца цивили.

Гувернерот на Свеида, Амер ал-Еши изјави дека нападот на џихадистите е одбиен и дека градот „е безбеден и мирен“.

Нападите во Свеида следуваат откако минатата недела сириските владини сили започна воздушни напади врз позиците на милтантната група поврзана со ИД, „Халед Бин Ал Валид“ во јужна Сирија.

ИД и групата „Халед Бин Ал Валид“ и натаму контролираат неколку изолирани подрачја во североисточниот дел на провинцијата Свеида, како и реони во близна на сириско-израелската граница на Голанската Висорамнина.