Во своето гостување во Отвореното студио на ТВ 1, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски истакна дека само мал дел од етничките Македонци го прифаќаат Договорот од Преспа.
Николоски вели дека огромно мнозинство на Македонците е против договорот од кои дел се за гласање против, а дел нема да излезат воопшто на референдумот. Според него едноставни се причините зошто има граѓани кои нема да излезат на референдумот.
Првата причина, како што рече, е дека граѓаните се сомневаат во регуларноста на процесот, а втората причина е стравот од надгласување на етничките Македонци кои директно и најмногу ги засега овој Договор кој го одредува нивниот идентитет, јазик и име.
– Генерално од она што се движиме помеѓу населението најголем дел се против договорот. Има еден дел кои се за. Од овие кои што се против најголем дел се етнички Македонци, затоа што Македонците тоа најмногу го чувствуваат при срце. И сега тука има два дела, има еден дел кој ќе излезе и ќе гласа против и втор дел кој што нема да излезе. И сега логично прашање се наметнува зошто овие кои што не сакаат да излезат, размислуваат така. Има две едноставни причини. Не се тие некои големи теории на заговори или бидејќи некој така им рекол или ги организирал. Туку од причина што прво, голем дел од граѓаните се сомневаат во регуларноста на процесот, затоа што виделе нерегуларни изборни процеси во минатото и мислат дека е преголем влогот на владата за да дозволи ова да помине така без да го изманипулира, вели Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека граѓаните велат дека имаат доверба во мисиите кои што ги мониторираат изборите, но сега на овој начин поставена работата и со јасна порака од меѓународната заедница кој е ставот, се сомневаат и во тие мисии колку објективен став ќе имаат по однос на рефереднумот.
-Затоа што мислат дека на сите им е битно ова да се заврши. И велат ако јас излезам без разлика што ќе гласам против на крај записникот може да се промени и да се излезе дека сум гласал за. Тоа е првата причина. И втората причина е самата суштина на едно вакво референдумско одлучување, а тоа е Македонија со целиот свој композит на етничка мешавина, после Охридскиот Рамковен Договор има еден добар механизам, тоа е двојното мнозинство, односно бадинтеровото мнозинство кое што превенира мнозинството да го мајоризира малцинството. Но тоа не важи обратно и сега етничките Македонци се плашат дека ќе бидат мајоризирани од останатите народи кои што живеат во Македонија кои што не се заинтересирани за вториот дел од прашањето. Не дека не ги почитуваат туку не се заинтересирани зошто не се однесува на нив, вели тој.