Во изминатата деценија главен двигател на македонската економија беше привлекувањето странски инвеститори. Тие успеаја да ја раздвижат економијата, да ја намалат невработеноста која пред да дојдат беше на рекордно речиси 40-процентно ниво, успееја да донесат нова работна етика, како и сериозно да го подобрат извозот, трговскиот баланс и значајно да го зголемат бруто домашниот производ. Тоа беше осмислена стратегија на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година која успеа силно да ја промовира државата и да ја направи атрактивно место за инвестиции, пишува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во својата најнова колумна во Независен.
Вели дека по промената на власта и доаѓањето на СДСМ на чело на владата, добро е да се направи анализа каде сме сега, а како и за сè друго, зборовите на СДСМ се многу различни од делата.
-Така, иако долго го напаѓаа концептот на привлекување странски инвестиции, гледаме дека во пракса го продолжуваат. Тоа е добро. Но лошо е што немаат тим ниту концепт како да го прават тоа. Нема одговори на основни прашања од типот – која институција била задолжена за привлекување странски инвестиции, кога и како ја направила анализата на индустријата/компанијата, ја контактирала фирмата, ја посетила и извршила презентација за можностите на инвестирање во Македонија. Кога компанијата дошла на посета во Македонија, со кои други земји нè споредила во анализата и на крај врз кои параметри би нè избрале нас, пишува Николоски и додава:
„Без агресивна промоција на државата и присуство на релевантни настани и директни состаноци со фирми, овој „pipeline“ кој е креиран од претходно ќе секне, како што, за жал, се случува па речиси и да нема нова компанија која е заинтересирана да инвестира во Македонија. Каде се членовите на тимот за привлекување на инвестиции – „Invest Macedonia“, ТИРЗ, министри без ресор – со кого, каде и кога се среќаваат? Ги познава ли некој овие луѓе? Овие луѓе се анонимни за јавноста и немаат дадено едно телевизиско интервју во живо или не биле на дебата да се објаснат што и како работат. Затоа и не треба да нè изненадува ладниот туш што Владата на СДСМ го доби од „Фолксваген“.“