На прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ не отиде на подигнувањето на знамето на НАТО пред Владата, потпретседателот на партијата Александар Николоски, за „Лидер“ кажа дека подигаат знаме, затоа што не подигаат фабрики.
Тој објасни дека прво земјата се уште не е членка на НАТО, туку ќе стане оној ден кога сите парламенти на 29. држави членки ќе го ратификуваат Протоколот за членство, а тоа најрано би се случило пролетта следната година.
– Во овој период Армијата треба да спроведе сериозни реформи. Еве ексклузивно кажувам дека се стигнати насоки до Армијата дека во кабинетот на Шекеринска и во Генералштабот постојат голем број на лица, на исклучително високи позиции, исто така и во Военото разузнавање, кои што се и соработници на надворешни, односно странски служби, и истите мора да бидат отстранети со цел Македонија да биде кредибилен партнер и да не излегуваат информации од НАТО. – кажа Николоски и додаде дека кога ќе се заврши овој процес, тогаш ќе станеме членка на НАТО.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта со церемонијата за подигнување на знамето на НАТО се обидува да манипулира со народот, но тоа не им успева.
– Подигаа знаме затоа што не подигаат фабрики. Вчера еве излезе информација дека нова инвестиција ќе има во Србија, која што била првично планирана за Македонија, а избегале од тука. – рече Николоски и додаде дека власта мисли дека со церемонијата за подигнување на знамето, со замајување на народот ќе добијат нешто, но тоа нема да се случи.