Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека референдумското прашање, доколку биде така како што го најави премиерот Зоран Заев, е амнипулативно.
-Во една цела серија на членови од 20. до 30. член е пропишано како се организира референдум и една од работите што ги пишува е дека референдумското прашање мора да е разбирлива, едноставно и еднозначно. Ова што го поставува премиерот е повеќезначно, односно има најмалку осум до девет комбинации кои што можете да ги одговорите. На пример: Може да сте „за“ членство на Македонија во Европската унија, а да сте „против“ членство на Македонија во НАТО и против Договорот за името…, рече Николоски.
Според него, такво прашање е манипулативно и тоа спротивно на законот.
Вели дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на едноставно прашање.
-Инсистираме на едноставно прашање. Согласно законот едноставно прашање значи еднозначно прашање. Тоа прашање треба да е многу едноставно, односно граѓаните да кажат дали се „за“ или „против“ Договорот со Грција кој предвидува промена на името, истакна потпретседателот на партијата.
Вели дека за прашањата за НАТО и ЕУ би требало да бидат организирани посебни референдуми, или пак, на истиот ден кога ќе има референдум за Договорот, да има уште две прашања кои би се однесувале на ЕУ и НАТО.
-Впрочем, ние сме имале два референдуми во државата и двете прашања биле едноставни. И за осамостојувањето, и потоа за територијалната реорганизација, вели Николоски.
Појаснува дека прашањето, доколку биде како што спомна Заев, не е збунувачко, туку е повеќезначно, односно има три прашања кои можат да бидат искомбинирани во повеќе одговори.
-Очигледно власта сака да ја направи таа манипулација затоа што се свесни дека потпишаа Договор кој не поминува кај граѓаните, потенцира Николоски.