По усвојување на законот ние деновиве ќе излеземе со детална анализа на истиот и можам да ги кажам првичните согледувања. Прво сметам дека е добро што владата влезе во процес на реформи на разузнавањето затоа што тоа е едно од барањата кои што ги имаме и од НАТО и од Европската Унија. Но, не е доволно само да влезете во процес на реформи, потребно е истите да бидат квалитетни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Отворено на ТВ Алфа.
Николоски истакна дека тој има неколку забелешки бидејќи опозицијата воопшто не била вклучена во процесот, односно како што рече тој, се работи за институција од национално значење каде што е добро да се има консензус.
-До сега никој не се обратил до нас да ги дадеме нашите забелешки, спротивно на пример на формирањето на Оперативно техничката агенција која што треба да спречи нелегално преслушување каде што имаше една добра соработка помеѓу нас и СДСМ и мислам дека извадивме еден добар и квалитетен закон, додаде тој.
Според Николовски, вклучувањето на ВМРО-ДПМНЕ во целиот процес ќе биде од големо значење бидејќи самата партија има врвни експерти кои ќе помогнат во подобрување на законските решенија.
-Имам забелешки бидејќи сметам дека владеењето на УБК надвор од министерството за внатрешни работи е добар потег, тоа е европски тренд. Но, се проблематични неколку одредби внатре кои што првата е тоа што директорот на УБК беше именуван од страна на владата, значи политички именувано лице од страна на владата, а сега ќе биде именувано од страна на Собранието со 61 пратеник, значи повторно од страна на владата односно власта. Сметам дека директорот на УБК треба да е избиран од еден поширок консензус и со пошироки меѓупартиски консултации и координации се со цел УБК да не може да биде користена како што се користи сега за политички цели, објасни тој.
Николоски се сомнева дека во моментот врвни функционери на ВМРО-ДПМНЕ вклучувајќи се и самиот себе, се прислушкуваат, потенцирајќи дека до сега не добил одговор дека тоа не се случува.