Актуелно 05.12.2024 09:12

Николовски: Ги унапредуваме капацитетите за брз одговор на единиците на меѓународните аеродроми и фаќање на криминалците

Николовски: Ги унапредуваме капацитетите за брз одговор на единиците на меѓународните аеродроми и фаќање на криминалците

„Се зајакнуваат капацитетите и надлежностите на Граничната меѓуагенциска единица на царинските и полициските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје, при што единицата ќе делува и на аеродромот во Охрид. Борбата со организираниот криминал бара ефикасен и брз одговор на единиците на меѓународните аеродроми во Југоисточна Европа. Ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили кон секој обид за криминал“, истакна директорот на Царинска управа Бобан Николовски на првиот регионален состанок на Управувачкиот комитет за Фаза 2 на „Програмата за промовирање на владеење на правотo и добро владеење, преку спроведување на мерки за гранична контрола на пристаништа и аеродроми за Југоисточна Европа“, како заедничка активност на ЕУ и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, што се одржува во Тирана. На настанот присуствуваше и заменик директорот Гарип Каба.

На овој прв регионален состанок учествуваа директори на царински управи и гранични полиции на земји од Југоисточна Европа, претставници на Европската Комисија, Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и Светската царинска организација. Истиот се организира под покровителство на ЕУ, СЦО, УНОДЦ.

„Граничните меѓуагенциски единици добиваат и разменуваат разузнавачки информации во реално време, што резултира со ефикасни акции и фаќање на сторителите. Истовремено, соработката на меѓународно ниво и поддршката која ја добиваме од ЕУ, Канцеларијата на Обединетите нации, Светската царинска организација, Интерпол и други организации, допринесува кон заедничка и систематска борба против организираниот криминал и подобрување на безбедноста на глобално ниво“, истакна Николовски.

Целта на Програмата на ЕУ и Канцеларијата на ОН е сузбивање на организираниот криминал и криумчарење на забранети супстанци како и спречување тероризам преку ефективен и координиран одговор на царинските и полициските службеници преку воспоставување единици на граничните премини на меѓународните аеродроми и пристаништата во Југоисточна Европа.