Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма вели дека кога ги слуша претставниците на власта како зборуваат за она што го постигнале, се прашува дали живеат во иста реалност.
Тој во реплика кон пратеникот на ДУИ Артан Груби вели дека според нивните зборови граѓаните можат да добијат впечаток дека во државата тече мед и млеко. Груби претходно говореше дека се наоѓаме во хиперсензитивно општество и оти сегашната власт направила многу.
На ова Јанушев одговори дека кога го слуша пратеникот од ДУИ мисли оти не живеат во иста реалност.
-Како го слушам господинот Груби се прашувам дали живееме во иста реалност. Од ова што го слушам може да се заклучи дека мед и млеко ни тече во државата, дека навистина имаме просечна плата од 500 евра, дека се е така добро, рози цветаат насекаде, народот е задоволен, имаме нов Клинички центар, немаме еден, туку имаме 20 мерцедеси кои требаше да ги продадат, па ги возат за пречекување на гости, дека имаме мал милион фабрики отворени, дека сите тие 2 милијарди луѓе кои се иселија се вратени во државата… Таков впечаток добивам по говорот на Груби, меѓутоа за жал реалноста не е таква, вели Јанушев, додавајќи дека сето она што претставниците на власта го говорат можеби е ставено на хартија во некои од плановите на Владата.
Тој потенцира дека во документите е запишано само оти институциите меѓусебно ќе соработуваат, но дека отсуствува реализација.
-Оваа влада е се уште на „Ќе“. Што успеаја да направат за една година?, праша Јанушев.
Во однос на фалењето од страна на владините претставници за безусловната препорака за почнување на преговорите со Европската Унија, Јанушев вели дека во минатото кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Македонија имаше 10 такви препораки.
Јанушев вели и дека во недостиг на идеи и реализација на каков било проект, СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста.
-Место да се зафатат со реалните проблеми на граѓаните кои што гласаа и ги донесоа на власт токму заради тоа, да им ги решат проблемите, тие цело време се навраќаат на тоа што било и како било. Тие се на власт и треба да преземат одговорност, рече Јанушев, додавајќи дека во една година владеење на СДСМ освен што економијата тоне, тие само се обидуваат, како што рече, да го „замајат“ македонскиот народ.
-Каде е платата од 500 евра? Каде е реформата во правосудството? Каде е реформата во здравството? Каде е реформата во образованието?, праша Јанушев, додавајќи дека власта излегла со смешен податок за зголемување на просечната плата, за потоа да излезе власта шпекулира со информациите.
Според него, грубо се манипулира со бројките од Државниот завод за статистика, додавајќи дека од месец за месец платите се намалуваат фрапантно.