Оживејте ја просторијата и внесете цвеќе во својот дом. Освен што го збогатуваат просторот, собните билки го прочистуваат воздухот и го елиминираат штетниот дим од цигарите.
Скоро секое место во куќата одговара на некој вид на билка, но не и секоја позиција. Заради тоа, пред да купите цвеќе, важно е да одредите на кое место најдобро ќе се
прилагоди. Билките не смеат да бидат изложени на директна сончева светлина, бидејќи цветот и листовите можат да изгорат. Провевот може да предизвика губење на бојата и
опаѓање на лисјата, а во најлош случај и целосно изумирање на растението. Саксиите немојте да ги чувате околу телевизорот, ниту во близина на грејни тела. Растенијата апсорбираат топлина, која предизвикува сушење на коренот и листовите.
За кујната најпогодни се мали зачински растенија, кои можете да ги засадите во стари бакарни или порцелански садови. Заради променливата температура и испарувањето во кујната, таа не е идеално место за одгледување, но доколку во неа има доволно светлина, може да одгледувате Trandescantia, Аралија, или фикус.
Спалната соба обично е поладна и помирна просторија, со помалку штетни испарувања, па за тука погодни се растенија кои не бараат екстремни температури. Ако има доволно светло, би било идеално место за камелија, циклама, хотензија, каланхоја…
Во купатилото најдобро ќе успеат отпорните билки, кои одговараат темни и влажни места. Тоа се кралската бегонија, фикуси, бршлени, папрат. Но, во купатилото никако немојте да ги чувате растенијата на кои им е потребно сонце, како кактус, циклама, афричка љубичица.
Ходникот, доколку не е мрачен и изложен на провев, може да е погоден за растенија на кои им е потребна ладна и мирна средина, со многу простор за ширење, како драцена и шефлер. Во помалите предсобја може да одгледувате кралска бегонија или папрат, а на скалите бршлен, клорофитум и собна лоза.