Актуелно 22.03.2019 18:55

Пендаровски спротивно на законот продолжува со предизборни активности

Пендаровски спротивно на законот продолжува со предизборни активности

Иако денеска и членовите на Државната изборна комисија апелираа кандидатите за претседател да ги почитуваат одредбите од Изборниот законик кои што се однесуваат на забрана за активности пред официјалниот почеток на кампањата сепак на социјалните мрежи „врти“ рекламна објава на кандидатот на власта, Стево Пендароски, пишува Нетпрес.

Не јасно е дали објавата е намерно поставена да се појавува и покрај забраната или пак се работи за превид од страна на тимот на Пендаровски одговорен за социјалните мрежи.

Забраната за промоција на претседателските кандидати стартува од вчера попладне откако Изборната комисија ги потврди кандидатурите на тројцата претенденти за функцијата шеф на државата. Согласно Изборниот законик од утврдување на кандидатурата до официјалниот почеток на предизборната кампања забранети се секакви изборни активности од страна на кандидатите преку јавни настапи, настапи во медиуми и активности на интернет.

Денеска претпладне се утврди и редоследот на гласачкото ливче, а претставниците на кандидатите најавија европска и позитивна предизборна кампања.

Претставникот на Пендаровски, Дарко Каевски изјави дека ќе ги почитуваат законите и ќе се воздржат од активности пред 1-ви април,

„Од денеска па се до 1 април, кога е официјалниот почеток, ќе се воздржуваме од кампања и од јавни настапи и ќе ги почитуваме сите законски прописи. Очекуваме фер, европска кампања во духот на европските вредности и убеден сум дека таква кампања ние како СДСМ и 31 партија што го поддржаа нашиот натпартиски кандидат Стево Пендаровски дека заеднички ќе водиме европска кампања, што ќе биде во духот на европските вредности“, рече Каевски.

Но, се чини дека се прави сосема спротивното. Спонзорираните објави на Пендаровски продолжуваат и денеска да се појавуваат на Фејсбук. На ова предупреди и претставникот на кандидатката од опозицијата.

„Како што можев сабајлево да видам Стево Пендаровски нема прекинато со интернет активностите“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Од Изборната комисија посочија дека овие избори се особено важни за европската иднина на земјава и побараа од кандидатите да водат фер кампања согласно Изборниот законик.

„Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред се кандидатите за претседател во овој период пред почетокот на кампањата но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во Изборниот законик, што се однесуваат на предвремено почнување на кампањата“, рече Борис Кондарко, член на Државната изборна комисија.