Актуелно 19.02.2025 11:27

Перински: Караванот „Каде што срцето е дома“ е важен за нас, ни дава можност да ги слушнеме реалните потреби на граѓаните

Перински: Караванот „Каде што срцето е дома“ е важен за нас, ни дава можност да ги слушнеме реалните потреби на граѓаните

Министерството за локална самоуправа денеска продолжи со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ со цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.

Министерот Златко Перински, пред почетокот на состанокот, истакна дека Општината Ѓорче Петров има урбан и рурален дел, тешко е да се направи баланс во рамки на инвестициите за развојот да биде на балансирано ниво, а при тоа да се искористи целиот потенцијал кој самата општина го нуди.

Перински ги поздрави напорите на градоначалникот за балансирано инвестирање во општината.

-Овој караван кој го нарековме „Каде што срцето е дома“ е важен за нас затоа што од една страна имаме можност отворено да разговараме со креаторите на локалните политиките, а од друга страна ни дава можност да ги слушнеме и реалните потреби и желби на граѓаните кои ни се исклучително важни и на тој начин можеме да донесеме заклучоци кои ќе ги надминат предизвиците на двете страни. Ќе имаме прилики да генерираме политики кои ќе бидат на општо задоволство, нагласи Перински.

Градоначалникот на Општината, Александар Стојкоски посочи дека ваквите средби се исклучително важни.

-Ќе разговараме и во делот на измените на законот за локална самоуправа, но ќе отвориме и многу теми од аспект на секојдневието на жителите на општина Ѓорче Петров. Исклучително сме задоволни од соработката со Владата и од проектите кои ги добивме со првиот повик, ги подготвуваме проектите за вториот повик, рече Стојкоски.

Жителите на Општина Ѓорче Петров утре во 18:30 часот во Домот на културата ќе имаат можност да остварат средба со претставници на Министерството за локална самоуправа.