Холандскиот регулатор за финансискиот пазар (АФМ) објави дека се подготвува за 20-кратно зголемување на финансиското тргување, во случај Британија да ја напушти Европската Унија во март следната година, без постигнување договор.
Од АФМ наведуваат дека додека банките ја преселуваат работата во Франкфурт и Париз, а фондовите за управување со имот во Луксембург и во Даблин, брокерските куќи целат кон Холандија како замена за Лондон, откако Велика Британија ќе го напушти блокот, пренесува „Ројтерс“.
„Додека во фокусот се преговорите за граничните и царинските прашања, прилично незабележливо се одвива преместувањето на европскиот пазарен капитал“, велат од АФМ и додаваат дека тие преговараат со повеќе од 150 странки заинтересирани да добијат холандски лиценци за тргување на берзата.