Кандидатите што ја посетуваат обуката за оџачари во средното училиште ГУЦ „Здравко Цветковски“ деновиве излегоа на терен и почнаа со бесплатно чистење стотина оџаци на граѓаните што се пријавија на повикот на Град Скопје.
Обуката што ја организира Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, како и со Агенцијата за вработување, ја посетуваат 10 кандидати.
Како што соопштуваат од Град Скопје, обуката ќе трае три месеци, а за нејзиното времетраење кандидатите ќе добиваат и месечен надомест од 9.000 денари.
По завршувањето, секој од кандидатите, како што додаваат во своето соопштение од Град Скопје, покрај сертификат, ќе добие основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот.
Во метрополата засега има само 8 регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот.
Градот Скопје додава дека преку целата година работат на намалување и елиминирање на причинителите на загадувањето на долг рок, а една од мерките, како што потенцираат, е токму чистењето на оџаците, што ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето во текот на грејната сезона.