Дали деловните банки ќе го следат сигналот на народната банка која ја намали основната каматна стапка и тоа по втор пат годинава? Пресметките се прават, но евентуални поповолни кредитни понуди може да се очекуваат најрано по новогодишните и божикните празници.
НБРМ ја намали основната стапка
Народната Банка по втор пат годинава ја намали основната каматна стапка, овој пат за 0.25 процентни поени, односно од 2.75 на 2.5%. Ова го одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
„Намалувањето на каматната стапка е одраз на натамошните поволни движења на девизниот пазар, коишто упатуваат на солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба“ се наведува, меѓу другото, во образложението од НБРМ.
Монетарната власт смета дека банкарскиот сектор останува стабилен и ликвиден.
„На домашните пазари на пари беше забележана стабилна активност, при задржување на поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем… Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на ноември преку пласирање во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните економски субјекти“ стои во образложението.
Народната Банка сепак заклучува дека и натаму се присутни ризиците, како од домашното, така и од надворешното окружување.
Дали деловните банки ќе ги следат сигналите на централната?
Падот на основната каматна стапка треба да биде сигнал за деловните банки. Таму сега се прават пресметки, но евентуалните промени на каматите на кредитите за домаќинствата и за компаниите би следувале по Нова година.
Сепак, досегашната практика покажува дека промените на монетарната политика немаат кој знае колкаво влијание врз одлуките на банките и дека врз нив повеќе влијае конкуренцијата.
Во последната анкета што ја спроведе НБРМ деловните банки се изјасниле дека очекуваат натамошно олеснување на вкупните кредитни услови.
Сепак, најголем процент од банките и понатаму укажуваат на непроменета каматна стапка кај станбените и кај потрошувачките кредити.
„Мало заострување се забележува кај провизиите на станбените кредити… Во однос на потрошувачките кредити, кај некаматните приходи се забележува нето-заострување на условите за одобрување кредити, првпат по долг период на нето-олеснување на овие услови. Кај останатите кредитни услови не се забележуваат позначителни промени во однос на претходната анкета“, се наведува во образложението од НБРМ.
МФ: намалувањето на каматите би ја раздвижило економијата
Министерот за финансии очекува дека каматите ќе се намалат и дека тоа ќе поттикне раздвижување на економијата. Сепак, како што вели Драган Тевдовски тоа во крајна линија е деловна политика на самите банки.
„НБРМ е независна институција, но она што е наш приоритет тоа е да се зајакнат можностите за приватниот сектор да се развива, односно да има поевтини извори на кредитирање, подобра деловна клима, а одлуката на НБРМ од вчера е чекор во таа насока“, изјави министерот Драган Тевдовски.
Тој потсетува дека веќе дојде до намалување на каматите, особено за бизниси што имаат подобри кредитни истории и добиваат каматни стапки пониски и од три проценти.
„Тоа досега не се случувало во Македонија и тоа е добро и ќе ја раздвижи економијата“ вели Тевдовски.
Министерството за финансии веќе презема чекори со цел да се овозможат повеќе средства за приватниот сектор преку намалување на каматните стапки на хартиите од вредност што ги издаваат тие.