Неуспешниот брак како причина за психички нарушувања кај сопружниците.
Бракот како признат социјален облик на полна заедница, која со закон е утврдена, треба да се заснова на топла емоционална врска меѓу сопружниците, меѓусебно почитување, доверба, другарство и љубов.
На нашето опшество потребен е колективен дух кој ќе го замени чувството на сопствеништво. Поради ова денес во брачните заедници главниот акцент се става на другарството и љубовта. Бракот кој ги нема овие квалитети претставува само една рамка без содржина, поточно зграда без темели.
Неуспешниот брак го сметаме оној брак во кој не дошло до доволно емоционално стопување меѓу партнерите во животното „НИЕ“, во кого брачните другари останале недоволно прилагодени еден на друг и во кого мажот и жената не наоѓаат потполно задоволување на своите чувства и потреби.
Но за тоа што е во бракот „потполно“ или „доволно“ немаме објективни мерила. Така, она што е за некои доволно, за други е малку, а на трети не им треба ни толку.
Ако појдеме од фактот дека во пореметувањето на брачните односи важна улога играат елементите – непостоење на реципроцитет на задоволувањата и конфликт кој може да биде јасен или скриен, вистински или нестварен, свесен или несвесен, веднаш врз овие централни карактеристики се надоврзува целата симптоматологија на неуспешниот брак. А таа се огледува во нетрпеливост меѓу партнерите, емоционално студенило меѓу нив, недоверба, сексуална оддалеченост, авторитативност или агресивност, полна невера, појава на различни облици на нарушување на сексуалната функција, одавање на алкохол и разни психички нарушувања најчесто од неуротска природа.
Ваков брак доведува до големи разочарувања меѓу сопружниците, бидејќи никаде чувството на запоставеност, несаканост или помалкувредност не е толку големо колку во бракот. Оттука е сосема разбирливо што неуспешниот брак може да стане причина за разни неуротски реакции кај луѓето кои се во него посредно ангажирани. Дали пак некој на своето разочарување во бракот ќе реагира со психички пречки, како тие ќе се манифестираат и со колкав интензитет, зависи од многу фактори. По правило, луѓето со неуротски примеси во структурата на својата личност побрзо реагираат на фрустрациите во бракот и тоа толку побурно колку што се неуротските црти на нивната личност подлабоко всадени.
Психичките нарушувања за кои причината е пореметениот брак се најразновидни. Нетрпеливоста обично кај обата брачни другари се манифестира со општа пречувствителност и експлозивни афективни реагирања не само кон брачниот другар, туку и кон децата, останатите членови на семејството, кон лицата со кои работат и општо кон сите лица со кои се во непосреден однос. Раздразливоста некогаш се сведува на караница и нетрпеливост, а некогаш прераснува во отворена агресивност.
Жената кога ќе се најде запоставена, неприфатена како рамноправен партнер, сексуално незадоволна, изневерена и потчинета на емотивна зависност на сопругот, најчесто реагира со низа конверзивни пречки како главоболка, срцебиење, чувство на грутка во грлото, неправилно дишење, слабост во концентрацијата и слично, се до депресивно расположение кое е проследено со анксиозност. Незадоволството од сопругот, макар и тоа да е потиснато во потсвеста, најчесто се манифестира со пореметување во сексуалната функција кое се појавува во вид на полна идниферентност и сексуално студенило.
Мажот обично реагира со психички пречки кога бракот го доживува како товар, кога во него смета дека ја загубил својата лична слобода. Мажите често изнесуваат неуротски тегоби кога во бракот не наоѓаат потполно сексуално задоволување, кога жената е љубоморна, неверна или во полниот чин се однесува одбојно. Во тие случаи мажот ја губи психичката рамнотежа, станува пречувствителен или нетрпелив. Честа неуротска манифестација е пореметената потенција која кај мажите се манифестира во вид на неспособност за одлагање на ејакулацијата или во сексуалниот чин со сопругата не доживува ерекција и на тој начин е полно импотентен.
Сите овие психички пречки предизвикуваат меѓу брачните другари нови незадоволства и кругот се повеќе се затвора меѓу конфликтот и неуроотските реагирања. Во ваквите услови неретко мажот посегнува за алкохолот, а жената постојано седи пред вратите на лекарските амбуланти и употребува разни лекарства за смирување.
Оттука следува заклучок дека здравствените служби и целото наше општество треба да се ангажира за систематско оспособување на младите луѓе за создавање успешни брачни заедници кои во крајна мера, ако не можат да ги спречат, барем да ги ублажат многубројните психички пречки.
Младиот човек кој стапува во брак не треба никогаш да ја заборави еднаш кажаната мисла на Балзак – „ Полесно е да се биде љубовник отколку маж како што е полесно само привремено да се покажува учтивост отколку секој ден да се биде духовит“.