Економија 28.06.2018 11:45

Познато кога ќе пристигнат слоновите и шимпанзата во скопската ЗОО

Скопската зоолошка градина, новиот директор Ѓорѓи Галетановски-Чомбе, за 1ТВ најави дека до крајот на летото ќе пристигнат слоновите и шимпанзата во новоизградените и модерни живеалишта во скопската ЗОО.

– Во завршна фаза е живеалиштето за новите слонови кои ќе пристигнат кон крајот на август, две слоници. Исто така живеалиштето за шимпанзата ќе биде голема атракција, две големи шимпанза пристигнуваат на почетокот на септември и во преговори сме за околу 10 видови животни, меѓу кои и егзотични, изјави Галетановски.

Тој најави дека се очекуваат инвестиции и дека зоолошката, која веќе има околу 300 видови, наскоро ќе набави нови животни, а за нив ќе биде потребно реновирањето на живеалиштата.

Гелетановски додаде дека зоолошката е отворена за донации, но бидејќи храната се набавува плански, подобро е донаторите да помогнат за живеалиштата. Исто така, во тек е целосно реновирање на безбедносниот систем и воведување на 24-часовен надзор за да се спречат несовесните граѓани да им фрлаат на животните работи што не се храна.