Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ најостро го осудува монтираниот политички процес во кој се кршат закони, покренуваат истраги, одземаат имунитети на пратеници. Брутално се гази демократијата, се кршат процедурите. Имаме беззаконие под плаштот и маската на наводно законие. Вистински деспотизам, истакна Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
-За само неколку месеци во ова Собрание се спроведуваат 7 постапки за одземање на имунитет на пратеници и уште едно кое е во најава. Сите пратеници доаѓаат од опозицијата. Ова не може да се сфати никако поинаку освен за политичка пресметка со опозицијата. Се обвинуваат пратеници за измислени дела, за тешко дело тероризам кое во реалноста не постои. И ова се прави во пресрет на претседателски избори и тука е јасна намерата. Не е тука желбата да се стигне до правдата тука е желбата да се пресмета со опозицијата, затоа што знаат дека губат, драстично ја губат поддршката од народот и на овој начин ги прикриваат сите криминални и коруптивни афери. Ова е паничен потег, чекор на страв од пораз, рече Мицевски и додаде:
„Имаме држава во која правото и правната држава се гази и обликува според оние кои раководат со власта. Неправдата не смее да остане неказнета, а криминалните афери се редат. Ако сакаат правна држава и владеење на правото, еве пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ бара Државен јавен обвинител на предлог на опозицијата, што и беше ветување на самата власт. Во една ваква недемократска атмосфера која директно го руши и предизборниот амбиент пратеничката група нема да ги поддржи системски процеси и закони додека власта не се согласи на јавен обвинител на предлог на опозицијата за испитување на сите криминални и корупциски афери. Бараме јавен обвинител на предлог на опозицијата кој вистински ќе се бори против неправдата, криминалот и корупцијата. Еве им шанса да докажат за каква Македонија се борат. Ваков предлог поднесовме во јули 2017-та година. И ваков предлог пред парламентарните избори имаше и сегашната власт“.
Истовремено, потенцира тој, целосно респектирајќи го процесот, но имајќи во предвид ненормалните околности наметнати од Владата и власта на СДСМ во која се монтираат случаи, сослушуваат пратеници кршат процедури ние го замрзнуваме нашето учество во процесот на Жан Моне, не затоа што не се согласуваме со целите на нашите меѓународни партии, туку затоа што власта создава ненормални околности за работа.
-Имаме директно рушење на предизборниот амбиент. Делувањето на власта преставува директна закана за легитимноста на изборите. Денешното образложение за приведувањето на Велјановски, Јанакиески и Ристоски е бедно и недостојно за која било држава во која што би требало да владее правото и правдата. Без ниту еден аргумент да се притворат лица со образложение дека доказите не смееле да се кажат заради истрагата е срамно. Во оваа држава веќе никој не верува во институциите под команда на Зоран Заев. Јасно е дека тројцата се жртви на безочната желба за политичка одмазда која е производ на паниката на власта. Деспотизмот на оваа власт мора да биде победат. Владеењето на правото и правната држава мора да бидат нашиот приоритет, дополни Мицевски.