Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев во чиј состав се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров, денеска и утре учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Лондон.
Како што соопшти владината прес-служба, централните настани на Самитот започнуваат утре со приемот на премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес, и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.
Како воведна програма на Самитот денеска во Лондон се одржуваат уште две од трите работни програми на министерско ниво. Работната програма за безбедност на која учествува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и за надворешна политика, билатерални спорови и наследство од минатото на која учествува министерот Димитров. Работна програма на тема економија се одржа на 4 јули во Виена, а на неа учествуваше вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Премиерот Заев во текот на првиот работен ден ќе присуствува и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите.
Тема на работната сесија на ручекот, под раковдство на домаќинот на Самитот, премиерката Меј е економијата и регионалната соработка, со воведно излагање на еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Премиерот Заев е поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.
Предвидено е премиерот Заев да учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година. На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, како и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Хан, кои ќе говорат на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.
За време на самитот планирана е и средба на Заев и владината делегација, со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.
Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе заврши со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс. За време на приемот во палатата Сејнт Џејмс македонската делегација ќе има можност за куса билатерална средба со премиерката Тереза Меј.
Во рамки на самитот е планирано премиерот Заев да оствари билатерална средба со премиерот на Хрватска, Пленковиќ.
На маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Заев ќе оствари средба со директорот на Службата за национална безбедност, Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на Охрид – групата, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.
Од Лондон, премиерот Зоран Заев, со специјален лет заминува за Брисел каде ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.