Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Ден со македонските водечки извршни директори”.
-Доделување на сертификатите е еден вид признание за тоа што сте го стекнале како искуство, знаење и вештини престојувајќи заедно со едни од најуспешните менаџери во Македонија. Допрва ве очекува она што сте го научиле и што сте го стекнале да го применувате во животот, рече претседателот Иванов, порачувајќи им искуствата да ги пренесуваат на нивните блиски и пријатели.
Македонскиот претседател ја поздрави иницијативата за спроведување на овој проект, што се реализираше под негово покровителство, а во организација на Советот на странски инвеститори од Стопанската комора на Македонија, изразувајќи надеж дека менаџерите вклучени во проектот успешно ги пренеле нивните искуства и знаења на учесниците и дека оваа иницијатива ќе продолжи во Македонија.
-Целта е, знаењето што го стекнавте да го примените во Република Македонија и да ги поттикнете и охрабрите другите дека во Македонија има успешни компании, кои благодарејќи на Советот за странски инвестиции ја реализираа оваа идеја, истакна македонскиот Претседател.
Задоволство од реализацијата на програмата изрази и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, г. Штефан Петер, кој се заблагодари на претседателот Иванов за поддршка на оваа иницијатива и им порача на учесниците дека е најважно да имаат идеја и да опстојуваат на нејзино остварување.
Девора Велинов, една од учесниците во оваа програма нагласи дека искуството кое што го стекнале на средбите со менаџери е многу значајно и дека секој менаџер ги научил и им пренел некоја различна лекција.
Во програмата учествуваа 13 студенти од додипломски, постдипломски и докторски студии од областа на правните и економските науки, бизнис администраци, електротехника и информациски технологии, електроенергетика и архитектура. Студентите имаа можност непосредно да се запознаат со работниот ден на менаџерите, да навлезат во процесите на водењето на една компанија и да се стекнат со знаења, практични искуства и вештини во насока на развој на нивниот претприемачкиот дух.
Оваа програма се реализираше за прв пат во Република Македонија во периодот од април до август 2018 година, а меѓу успешните менаџери коишто ја спроведуваа обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел”, Волфганг Марингер од „Арчелор митал”, Владимир Косијерод од „Пивара Скопје” и Аврам Стојчевски од „Ван Хол”.